Состанок на секторската работна подгрупа „Внатрешни работи“
Денеска во Свечената сала при Владата на Република Северна Македонија беше одржан 11-иот состанок на секторската работна подгрупа „Внатрешни работи“, со која претседаваше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Целта на состанокот беше презентација на анализата на постоечките стратегии, со сет на индикатори по стратегија, во областа на внатрешните работи. Оваа активност е во согласност со секторскиот пристап за спроведување на ИПА 2014-2020 и предусловот за воспоставување на Рамка за оценка на успешноста, како основа за следење на секторските реформи во фазата на имплементација на програмските документи.
Имено, од страна на Сектретаријатот за европски прашања при Владата на Република Северна Македонија, во соработка со Делегацијата на Европската Унија, е иницирана постапка за воспоставување на индикатори на макро и микро ниво, како прв чекор во подоготовка на Рамката за оценка на успешноста.
Министерот Спасовски истакна дека Секторот за ИПА и програми на заедницата, како одговорно тело во рамките на Министерството за внатрешни работи за спроведување на секторскиот пристап, во изминатиот период ги презема сите неопходни мерки со цел успешно спроведување на задачите кои беа поставени. Со експертска и логистичка поддршка од ангажираните експерти од ИПА проектот „Поддршка за управување со ЕУ фондови“, во изминатите неколку месеци беа одржани голем број координативни состаноци со сите институции кои се членови на оваа секторска работна подгрупа. Овие работни средби имаа за цел добивање на релевантни и точни информации од соодветните лица во сите институции во делот на спроведувањето на стратегиите, како и за можните индикатори кои би помогнале при оценувањето на успешноста во спроведувањето на реформите.
По спроведените состаноци на билатерално ниво од страна на Секторот за ИПА и програми на заедницата беше организиран состанок со членовите на секторската работна подгрупа „Внатрешни работи“, на која од страна на ангажираниот експерт беше презентирана првичната анализа на постоечките стратегии со сет на индикатори по стратегија, во областа на внатрешните работи.
Министерот Спасовски, заблагодарувајќи им се на сите кои беа вклучени како при определување на можните индикатори, така и при подготовката на анализата на постоечките стратегии во областа внатрешни работи, напомена дека оваа активност не застанува тука, туку ќе продолжи и во наредниот период. Како претседавач со секторската подгрупа ,,Внатрешни работи“, министерот Спасовски го изрази своето уверување за максимална континуирана посветеност од страна на сите институции во активностите предвидени за наредниот период.