26/11/2024
Македонија

Состојба по зголемувањето на водостоите по врнежите од дожд и топењето на снегот во Македонија

Во општина Зелениково водостојот на реката Вардар е зголемен и може да дојде до излевање.

Во општина Сарај има излевање на реката Река во населено место Буковиќ.

Во општина Боговиње проблеми има на патот кај с.Ново Село каде има појава на клизиште. Од страна на ЕЛС Боговиње моментално се излезени лица на местото на настанот и се очекуваат дополнителни информации.

Во општина Брвеница има помало излевање на реката Вардар во с.Теново каде е поплавена помала површина на земјоделско земјиште.

Во општина Желино мало излевање има во с.Стримница.

Во општина Јегуновце, во с.Раотинце реката Вардар е излеана од своето корито и поплавена е поголема површина на земјоделско земјиште.

Во општина Гостивар нивото на реките Вардар и Лакавица се на високо ниво во делот на селата Балиндол и Форино, ЕЛЕМ ХЕЦ Гостивар го намали испустот на вода во реката Вардар до минимум,

Исто така во с.Форино излеана е реката Јахорка.

Во општина Дебрца, во село Оровник, кај манастирот Св.Петка има поголеми одрони на камења и појавени се помали свлечишта. Оштетени се бандерите за електроснабдување и самиот пристапен пат.

Исто така на Голема река кај село Долно Средорече има помало излевање на реката.

Во општина Струга, има поплавување на приземни објекти во вкупно 7 објекти за домување.

Во с.Враништа има поплавување на приземни простории на 8 – 10 објекти за домување.

Поради недоволната апсорпциона моќ на канализациониот и колекторскиот систем во градот Струга како и непрокопаноста на коритото на реката Црни Дрим има поплавување на 40 – 45 хектари обработливо земјиште поради непрочистени канали и високиот водостој на реката Црни Дрим.

Во општина Македонски Брод, поради интензивните врнежи од дожд и повисоките температури настана топење на снегот и покачување на нивото на р.Треска и нејзино излевање од коритото. Поплавени се ливади, ораници и овошни насади по течението на р.Треска во атарите на селата Лисичани, Пласница, Девич, Манастирец и Модришта.

Поплавен е и угостителскиот објект „Извор“ во с.Манастирец,

Во општина Крушево, во атарот на с.Бучин, нивото на река Црна е покачено и во текот на реката од с.Света кон с.Бучин има излевање и поплавување на ливади во должина од околу 3 км и ширина од околу 50 метри низводно.

Во општина Демир Хисар има намалување на водостојот на р.Црна, има повлекување на водата од поплавените земјоделски површини на потегот од с.Доленци до с.Света.

Во општина Велес има интервенција на отстранување на паднато дрво во р.Вардар кај мостот на Башино Село.

Од УХМР информираат дека топењето на снегот проследено со врнежите кои паднаа изминативе повеќе од 48 часа допринесоа за брзо покачување на водостојот кај сите водотеци во Република Македонија. Според информциите од терен најголеми покачувања се јавија на реките Треска, Црна, Вардар, Сатеска, Радика, Пчиња и други помали реки. Според официјални информации поплавувања има во горните текови на р.Вардар, Црна, Треска и нивни помали притоки.

Во моментов високи водостои со тенденција на покачување има на р.Вардар кај станицата Јегуновце и Радуша. Покачувања на водостојот има кај Новаци на р.Црна, Катлановска Бања на р.Пчиња, Брегалница кај Штип.

Според синоптичарите во текот на следните 24 часа ќе има врнежи од дожд, но главно на северозапад во делови на Кораб Планина, а и во делови на Шарпланина со количини до 10 – 15 l/m². Врнежите над 2000 m ќе бидат од снег. Поради ваквата временска состојба, иако количински мали сепак во одредени сливни подрачја од посочениот регион очекувано е овие нови водни количини да предизвикаат дополнителен притисок врз водотеците и суводолиците.

Поради високите водостои и опасноста од локални излевања предупредуваме на внимателно движење покрај реките и суводолиците низ Македонија, а особено во горните текови и сливни подрачја на реките Вардар, Треска, Црна со нивните притоки, реката Радика со притоките и Пчиња долен тек.