Буџетот за 2018 најавува ефикасна јавна безбедност на граѓаните
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денес одржа прес-конференција, на која истакна дека Буџетот за 2018 најавува ефикасна јавна безбедност на граѓаните.
Интегрално
Почитувани претставници на медиумите,
Почитувани присутни,
На денешнава прес конференција ќе ви ги претставам клучните приоритети на Министерството за внатрешни работи, но низ призмата на Буџетот на министерството за 2018 година.
Безбедноста на државата и граѓаните е најважната работа. И токму затоа средствата од буџетот на министерството ќе бидат насочени во тој правец.
Клучен приоритет за ова министерство е грижата за вработените. Условите во кои работат полицајците не се на задоволително ниво и тие мора да бидат подобрени.
Започнавме со набавка на униформа и работна облека и овие набавки ќе продолжат и во иднина.
Сосотојбата во полициските станици е загрижувачка. Полицајците работат во субстандардни услови кои негативно се одразуваат на нивното здравје. Токму затоа одвоени се 40.000.000, оо денари со кои во текот на следната година ќе бидат реконструирани и уредени полициските станици низ Република Македонија. Во завршна фаза е подготовката на прегледот на состојбите во сите полициски станици и врз основа на проценката ќе започне реконструкцијата. Задоволна полиција, значи и безбедни граѓани. Затоа, инвестираме во полицијата.
Безбедноста на државата и граѓаните значи и инвестирање во специјална опрема и одржување на постојната. Во буџетот се обезбедени повеќе од 570.000.000 денари со кои ќе се набави нова опрема за потребите на специјалните единици, како и обновување на дотраената опрема. Со овие средства ќе се подобри и постојната информатичка и телекомуникациска инфратструктура преку која службите ќе бидат во можност ефикасно и економично на одговорат на предизвиците, но и ќе можат квалитетно да ги извршуваат своите обврски. Тука акцентот е ставен на борбата против организираниот криминал и справувањето со тероризмот и насилниот екстремизам.
Она што истотака ги засега граѓаните е издавањето на патни исправи и лични документи. Во текот на 2018 година планирана е набавка на две нови машини за изработка и персонализација на патни исправи, како и набавка на машини за изработка на лични документи. Обезбедени се и средства за нивна хардверска и софтверска надграба и одржување со што ќе се овозможи граѓаните побрзо да ги добиваат личните документи и патните исправи. За овие мерки предвидени се 10 милиони евра од Буџетот.
Од вкупната сума од буџетот за 2018, значителен дел ќе бидат искористени за натамошно сервисирање на воздухопловите, особено што е истечен сервисниот четиригодишен период за нивно одржување.
Во ставката за плати, наемнини и надоместоци се предвидени 73 милиони денари за 619 нови курсисти-сегашни кадети преку кои ќе се подобрат капацитетите на униформираната полиција, еден од клучните проблеми со кои се соочуваме во јавниот ред и мир.
Морам да истакнам дека само за комунални услуги МВР има речиси 400 милиони денари долг, така што планираме сето тоа да го покриеме и сведеме речиси на нула во тековната 2018 година согласно одобрените средства за таа намена исто така МВР има и долг и кон правни лица. Со домаќинско работење и ќе се раздолжуваме и ќе ги подобруваме условите во МВР.
Почитувани,
Овој буџет ќе ги задоволи потребите на министерството и ќе обезбеди негово нормално функционирање. Безбедноста на државата и граѓаните нема да биде доведена во опасност и службите на министерството ќе можат редовно и навремено да ги извршуваат своите задачи.
Сакам уште еднаш да потенцирам дека наш приоритет ќе биде преку одговорно, отчетно и транспарентно користење на парите на граѓаните на Република Македонија да создадеме предуслови секој нареден буџет да биде поразвоен и поефикасен.
https://www.youtube.com/watch?v=4e6j3nTqHlo