22/11/2024
Македонија

Спасовски и Поповски: Не сме заборавиле на правдата за новинарите, нула толеранција за секое загрозување на слободата на говорот и изразувањето

Министрите во Владата на Република Македонија, Оливер Спасовски, за внатрешни работи и Роберт Поповски, задолжен за комуникации отчетност и транспарентност, на прес-конференција презентираа конкретни податоци за преземените мерки од Министерството за внатрешни работи (МВР), во врска со регистрираните напади на новинарите во период од 2013- јуни 2017 година и јуни 2017 до денес.
 
На прес-конференцијата, министерот Спасовски информираше дека во периодот од 2013 година до јуни 2017 година, до МВР се поднесени вкупно 47 пријави од граѓани или медиуми, поврзани со физички напад на новинари, загрозување на сигурноста во вид на закани или говор на омраза.
 
„МВР има поднесено кривични пријави против пет сторители  за пет кривични дела од кои три за кривично дело насилство, и по една за кривичните дела затајување и изнуда. За пет од пријавените случаи се поднесени барања за поведување на кривична постапка, а шест од пријавите се кривични дела кои се гонат по приватна тужба. Два од вкупните 47 случаи немаат елементи на прекршок, и за два случаи е изречена мерка предупредување, за што се известени Основните јавни обвинителства. Петнаесет од вкупните 47 случаи сè уште не се расчистени“, информираше министерот Спасовски.
 
Наспроти ова, како што рече тој, во периодот од јуни 2017 до денес, регистрирани се 12 случаи од кои само еден не е расчистен, но, според министерот Спасовски и тој многу скоро ќе биде расчистен.
 
Тој, на прес-конференцијата, потврдувајќи ги заложбите на МВР за непречено извршување на новинарските задачи на новинарите и медиумските работници, потенцираше дека кон крајот на минатата година, Министерството и Здружението на новинарите на Република Македонија (ЗНМ ) потпишале Меморандум за соработка за креирање на протокол за известување за настани од висок ризик, како и постојана комуникација помеѓу МВР и ЗНМ.
 
Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, истакна дека не постои оправдување за никакви притисоци, закани, уцени врз новинарите и медиумските работници, за било каков обид за загрозување на слободата на говорот и изразувањето.
 
„Ставот на оваа влада е еден и единствен, и неколку пати афирмиран: Нула толеранција за било каков обид за загрозување на слободата на говорот и изразувањето“, нагласи Поповски, и додаде дека информациите презентирани на прес-конференцијата, се конкретен доказ дека Владата не заборавила на ветената правда за новинарите.
 
„Секој напад врз медиумските претставници, физички или вербален, ќе биде најостро осуден и санкциониран. Тоа е нашиот придонес и заложба за враќањето на достоинството на новинарската професија, и за создавање услови за професионално извршување на задачите“ , рече министерот Поповски.
 
Во своето обраќање пред претставниците на медиумите, и македонската јавност, тој апелираше, покрај сите заложби на  Владата во врска со обезбедувањето на демократските услови за почитување на слободите, и другите институции во државата, обвинителството и судовите, како и организациите од граѓанскиот сектор, да постапуваат максимално професионално и да алармираат за секој напад или закана против медиумските работници.