Спасовски: И со еден случај на говор на омраза може да се предизвикаат несогледливи последици
Министерството за внатрешни работи има една од клучните улоги во спроведувањето на изборните процеси. Од доставување на податоците потребни за ажурирање на Избирачкиот список, до обезбедување услови за целосно безбедна, фер и демократска атмосфера во текот на целиот изборен процес, МВР секогаш се соочува со голем број предизвици, но и ризици.
ЦИВИЛ МЕДИА: Која е улогата на Министерството за внатрешни работи за време на изборите?
СПАСОВСКИ: Министерството за внатрешни работи, како и за сите изборни процеси, така и за претседателски избори, ги презема сите надлежности што се предвидени со Изборниот законик. Ние сме во директна корелација со Државната изборна комисија и нашата прва активност започна веднаш по распишување на изборите со тоа што се доставуваат податоците до ДИК за формирање на Избирачкиот список.
За нас многу важно е да обезбедиме мирна, стабилна и безбедна атмосфера за политичките партии за време на изборите. Во таа смисла, МВР се подготви максимално, односно по сите прописи, да бидеме успешни и во создавање на една ваква атмосфера во Република Северна Македонија.
Веќе е формиран главниот и сите регионални штабови што ќе го обезбедуваат изборниот процес. Наша задача и цел е да имаме предизборен период што ќе биде стабилен, да ги обезбедиме сите настани, сите предизборни собири, да ги обезбедиме кандидатите за претседатели. Исто така, ќе го обезбедиме изборниот материјал, преземањето на истиот и враќање во ДИК. Сите тие активности што се однесуваат на безбедноста на изборите се подготвуваме максимално, за да имаме фер и демократски процес.
Апелирам, пред сè, до политичките субјекти што учествуваат во изборните кампањи, апелирам до носителите на овие активности, да имаме мирни, фер и демократски избори. Упатувам и апел до граѓаните да бидат партнери на македонската полиција, затоа што безбедноста на државата не зависи само од МВР, туку и од самите граѓани што учествуваат во самиот процес. Партнерскиот однос значи и размена на информации, да имаме навремена пријава, ако било што се случува. Од тој аспект, ги повикувам сите граѓани навистина да преземат активности, ако било кој преземе нешто да го наруши нивното избирачко право или има било каква злоупотреба на избирачкото право, да пријават во МВР.
ЦИВИЛ МЕДИА: Сепак, со кои ризици би можеле да се соочиме во овој период?
СПАСОВСКИ: Македонија како држава, генерално, се соочува со многу ризици и предизвици. Самата географска местоположба ни дава многу предности, но од друга страна, има и големи предизвици што стојат пред нас. Кога станува збор за изборниот процес постојат многу предизвици и ризици што стојат пред нас во обезбедување на фер и демократска атмосфера.
Но, мора да признаеме дека политичката свест кај граѓаните на Република Северна Македонија е на едно високо ниво и од тој аспект, сметам дека секој од нас знае колкава е одговорноста да имаме фер и демократски избори. Јас навистина не очекувам дека би имало таков предизвик или ризик со кој не можеме ние да се справиме. Меѓутоа, уште еднаш, апелирам и до граѓаните и до политичките субјекти, на најдемократски начин да влезат во оваа изборна кампања, да ја претстават својата програма на ниво на идеи да се борат за секој глас од граѓаните, без притоа да се посегнува кон било какви начини на конфронтација меѓу политичките субјекти и меѓу граѓаните. Ние ќе бидеме подготвени до крај да го заштитиме избирачкото право на секој од граѓаните и да овозможиме граѓаните да гласаат врз основа на сопствен став и мислење без никакви притисоци.
ЦИВИЛ МЕДИА: Ова значи дека МВР е спремно за било каква политичка или партиска конфронтација…
СПАСОВСКИ: Секогаш може да дојде до политички конфронтации. Апелирам тие да бидат на ниво на програми, идеи и идеологии. Но, никако не смеат да бидат со насилство или предизвикување на некоја друга општа опасност што може да нѐ загрози сите нас. Затоа сметам дека секој од политичките субјекти треба да биде на висина на сопствената задача.
ЦИВИЛ МЕДИА: ЦИВИЛ нотираше голем број случаи на говор на омраза и лажни вести на социјалните мрежи но и во медиумите, а поврзани со изборите. Таков случај беше и со госпоѓата што ширеше говор на омраза на Фејсбук, а за која се претпоставуваше дека е вработена во МВР. Подоцна веста ја демантиравте. Како, всушност МВР се справува со ваков вид на објави?
СПАСОВСКИ: Тоа е еден од најголемите проблеми со кои ќе се соочи Република Северна Македонија, регионот, но ако сакате, и во ЕУ и светот, затоа што лажните вести и неодговорното користење на социјалните мрежи предизвикува несогледливи последици. Сметам дека мора да се преземат радикални мерки во спречувањето на говорот на омраза. За држави како што е Република Северна Македонија, мултиетнички, мултинационални, многу е важно да покажеме високо ниво на свест за тоа дека треба да ја градиме државата врз принципите на едно општество за сите граѓани. Нема место за било каков говор на омраза што може да предизвика било каква нетрпеливост. Дали е во прашање национална, верска, политичка или друга нетрпеливост.
Ние преземаме мерки за секој еден детектиран случај на говор на омраза. Постојат многу лажни профили. Такви профили имаат и многу политички партии. Меѓутоа, за секој од нив, каде што се шират говор на омраза и лажни вести, што можат да предизвикаат нестабилност и ризици по мирот, МВР презема мерки со тоа што веднаш се известува Јавниот обвинител и соодветно на насоките што тој ги дава, МВР постапува за да се спречат истите.
За Република Северна Македонија сега тоа е најважно, затоа што се наоѓаме во претпристапни преговори за НАТО и во момент кога треба да се почне со преговорите за влез во ЕУ. Најважно од сè е да покажеме дека институциите имаат капацитет за фер и демократски избори.
ЦИВИЛ МЕДИА: Која е оценката на МВР во однос на безбедноста во периодот од распишување на изборите до почетокот на изборната кампања?
СПАСОВСКИ: Генерално, во државата имаме стабилна безбедносна состојба. Целиот овој период е мирен и не покажува индикации дека може да биде нарушен или да биде доведен во прашање мирот на граѓаните, ниту пак, имаме индиции за било какви инциденти што се во доменот на политичка борба што ја имаат политичките партии. Јас оценувам дека и во наредниот период нема индикации за нарушување на безбедносната состојба од овој аспект, до започнување на изборната кампања, меѓутоа и од започнување на изборната кампања, па сè до денот на изборите.
Апелирам до граѓаните на одговорен однос кон било која информација и да ги земаат во предвид информациите од официјалните, надлежни органи за било која состојба и преку нив да добијат правовремена информација која што може да биде споделена со јавноста. Инаку, сè друго создава конфузија, страв, неизвесност, што штети на сите граѓани.
ЦИВИЛ МЕДИА: Колку пријави на говор на омраза и лажни вести има во овој изборен период?
СПАСОВСКИ: Кај нас, отсекот за компјутерски криминал работи постојано. Преку соопштенија, ги информираме граѓаните како по електронски пат можат да пријават сајбер напад или било каков говор на омраза што се шири низ социјалните мрежи.
Со оглед на тоа колку малку се третирале претходно ваквите случаи, сега редовно покренуваме постапки, но тоа не мора да значи дека тие се покренати само по пријава на било кој граѓанин. И таму кај што се детектираат говор на омраза, ширење на лажни вести што предизвикуваат страв, паника или пак, информации што се кривично дело. Одговорни служби преземаат мерки за расчистување на сите тие настани.
Важно е да се постапува по тие пријави што ги имаме или по детекција на случаи. Зависно од политичките односи што се во државата, имаме зголемување на тој интензитет или намалување, меѓутоа, не е важно дали ќе биде помала или поголема бројката. Важно е институциите да бидат ефикасни и да постапуваат. И со еден случај на говор на омраза може да се предизвикаат несогледливи последици.
Можеме да зборуваме за поголема ефикасност од откривање и пресретнување на вакви информации.
ЦИВИЛ МЕДИА: Кои се препораките на МВР за време на изборите?
СПАСОВСКИ: Ова се многу важни претседателски избори. Важноста и одговорноста на овие избори се одговорност на граѓаните и на политичките партии. Пораката на МВР е пред сè до сите кандидати за претседател РСМ, до политичките субјекти што ги поддржуваат тие кандидати, да имаат една фер и демократска изборна кампања што ќе биде борба на идеи, борба на мислења, сè со цел да се претстават подобро на граѓаните. При тоа, до политичките субјекти апелирам да не ги злоупотребуваат ниту институциите, ниту граѓаните, туку да ги остават самостојно да ја донесат одлуката. На крајот, да констатираме заедно, дека имаме навистина фер и демократски избори, затоа што токму сега кога треба да ги отвориме вратите кон ЕУ, еден од клучните моменти е какви избори ќе имаме. Затоа апелирам на фер и демократски избори и партнерство со МВР.