22/11/2024
Македонија

Спасовски, Манчевски и Адеми дел од настанот „Патувачка училница“

„Сведоци сме дека и кај нас овој девијантен феномен на т.н. сајбер – булинг, зема сè поширок замав и меѓу младите генерации, па неопходен е поширок, добро осмислен и континуиран општествен ангажман на сите овдешни чинители, во превенирањето и анулирањето на виртуелното насилство, особено меѓу децата.  Оттаму, ние како Министерство за внатрешни работи, без никаква задршка, ами напротив, сосема отворено ја прифативме понудата на нашите италијански пријатели и колеги да бидеме дел од нивната кампања против ‘сајбер-булингот’, чијашто примарна цел е едукација во функција на превенирање на погрешното разбирање на виртуелниот ‘социјален живот’ кај младите“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, додавајќи дека децата се најранлив таргет на сајбер-булингот, па секоја испратена закана преку социјалните мрежи не смее да се занемари, туку треба веднаш да се пријави во најблиската полициска станица.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, им се обрати на децата, осврнувајќи се на можните ризици со кои тие се соочуваат додека ги користат социјалните мрежи.

„На социјалните мрежи на едно место можете да најдете игри, пријатели, новости, музика, таму технологијата ви дозволува да бидете смешни и да ги изразите своите креативни способности на едноставен начин. Во Европа, над 70% од децата и младите луѓе имаат најмалку еден профил на социјалните мрежи. И ние држиме чекор, во 2019 година, скоро 75% од популацијата во Северна Македонија  со возраст помеѓу 15-19 години, има профил на социјални мрежи. Како и со социјалните мрежи, онлајн игрите ни помагаат да оствариме пријателства со други гејмери од целиот свет, а да комунцираме преку вградените функционалности, да разменуваме пораки, да се слушаме, дури и да ја користиме камерата. Онлајн игрите дефинитивно стануваат социјални активности, кои се универзални за сите, а веќе можеме да играме и на најмалите уреди, како што се мобилните телефони“, рече министерот.

Тој информираше и за заедничките проекти со МВР и МОН, при справување со сајбер криминалот и при подигнувањето на јавната свест уште од најмала возраст.

На настанот се обрати и министерот за образование и наука, Арбер Адеми.

„Голема благодарност до Владата на Италија, до италијанскиот амбасадор што искуствата во рамки на нивните национални политики за справување со училишниот и сабјер булинг несебично ги споделуваат со нас и ни помагаат нам, односно на институциите на системот во борбата против овие глобални предизвици кои ги засегаат и нашите млади сограѓани, ученици и така натаму.  Верувам дека овој проект ќе биде прифатен не само како пилот и нема да опфаќа само одреден број ученици, туку со текот на времето ќе биде пошироко распространет и ќе продре во сите основни и средни училишта во земјата Ова ни беше потребно, затоа што ќе помогне во градењето на мирна и хармонична училишна средина за учење и дружење за секого“, потенцираше министерот Адеми.

Патувачката училницата е дел од европскиот проект „Поврзани генерации“ – Безбеден интернет центар, координиран од италијанското Министерство за образование и наука, а во изведба на експерти од Одделението за безбедност во комуникациите при италијанското Министерство за внатрешни работи. Настанот се одржува за време на фестивалот „Џифони Македонија“. Одделението за безбедност во комуникациите при италијанската Полиција, одлучи првата и единствена годинава меѓународна активност во рамките на проектот да биде спроведена токму во Северна Македонија,

Од 12 до 17 октомври патувачката училница Una vita da social –  Живот на социјалните мрежи престојува на повеќе локации во градот и во неа се изведуваат интерактивни едукативни средби во кои експертите им илустрираат на слушателите како интернетот може да се користи на полезен и безбеден начин, преку запознавање со најнепредвидливите замки и навремена превенција и заштита од можни злоупотреби. До четврток училницата ќе ја посетат над 800 ученици од основните и средните училишта.