Спасовски на видео самит на ЦЕИ
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски денеска учествуваше на вонредниот самит на Централно европската иницијатива посветена на договорите за соработка против пандемијата од КОВИД-19.
На самитот на ЦЕИ, со кој претседаваше премиерот на Црна Гора Душко Марковиќ, учествуваа и премиерите на Албанија – Еди Рама, на Бугарија – Бојко Борисов, на Хрватска – Андреј Пленковиќ, на Молдавија – Јон Чику, на Украина – Денис Шмихал, како и еврокомесарот за проширување и соседска политика на ЕУ – Оливер Вархеји, директорот на Европската банка за обнова и развој – Сума Чакрабарти, генералниот секретар на ЦЕИ – Роберто Антонионе, и регионалниот директор за Европа на Светската здравствена организација – Ханс Хенри Клуге.
Во заедничката декларација од вонредниот самит на земјите од Централно-европската иницијатива (ЦЕИ), се истакнува дека пандемијата на КОВИД-19 претставува предизвик без преседан, кој освен здравствена, предизвика и сериозна економска, социјална и хуманитарна криза.
Земјите од ЦЕИ, со оваа декларација преземаат обврска за итна заедничка, одлучувачка и сеопфатна акција на национално, регионално и глобално ниво за итни мерки за координирана, пропорционална, транспарентна акција која ги почитува основните права на секоја личност, особено заради влијанието на кризата врз жените, старите лица, младите, малите и средни претпријатија, неформалниот сектор и другите ранливи групи и поединци, вклучувајќи ја и популацијата во области погодени од конфликти.
Во декларацијата на ЦЕИ се потенцира важноста на независните медиуми и слободната размена на точни и доверливи информации за да се спречат лажните или манипулативните информации за ширење на КОВИД-19 и говор на омраза, кои носат висок степен на ризик и за животот на луѓето.
Тешките социо-економски последици од пандемијата на КОВИД-19, се истакнува во декларацијата на ЦЕИ, повикуваат на итни мерки, единство и солидарност за брзо закрепнување на економиите од земјите од иницијативата и за брзо враќање на условите за непречена трговија и проток на стоки, зајакнување на поврзаноста, привлекување повеќе странски инвестиции и за ревитализација на туризмот во нови услови.
Централно-европската иницијатива (ЦЕИ) влегува во соработка со другите регионални и меѓународни организации, за кохерентен и координиран одговор на пошироките импликации и на различните димензии на кризата.
Земјите на ЦЕИ ја поддржуваат Светската здравствена организација (СЗО) за глобалниот одговор за заштита на јавното здравје и за борбата против пандемијата, како и мерките на национално ниво. Во декларацијата од вонредниот самит на ЦЕИ се поздравува предлогот за формирање на акциски групи за зајакнување на регионалната соработка за стратегии и најдобри практики за борба против пандемијата од КОВИД-19, како и заедничките работни групи за подготовка на одржливи и безбедни протоколи за отворање границите.
Во декларацијата на ЦЕИ се поздравува определувањето на повеќе од 7 милијарди евра преку разни инструменти на ЕУ за поддршка на Западен Балкан и земјите партнери од источна Европа, за решавање на непосредните здравствени и хуманитарни последици од избувнувањето на КОВИД-19, и за спречување на натамошните негативни импликации врз економијата во регионот.
Во таа насока во декларацијата на ЦЕИ се поздравуваат и мерките за реакција и за обновување на Европската банка за обнова и развој за помош на земјите од иницијативата за да се справат со економските последици од пандемијата КОВИД-19.
Во заедничката декларација од вонредниот самит на земјите од Централно-европската иницијатива (ЦЕИ) се нагласи дека борбата против КОВИД-19 и нејзините социо-економски последици треба да остане високо на агендата на ЦЕИ, на црногорското претседателство на иницијативата, како и на сите земји-членки.