23/11/2024
Македонија

Спасовски: Покажавме европски вредности на дело, продолжуваме во сигурна иднина

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски денеска одржа прес-конференција. 

Во продолжение, Ви го пренесуваме интегралниот текст од обраќањето на премиерот Спасовски:

„Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Изборот е направен, насоката е потврдена, Република Северна Македонија продолжува по правиот пат, во сигурна и европска иднина.

Упатувам честитки до сите граѓани на нашата држава, кои го разбраа личниот дел од одговорноста и во услови на светска пандемија, излегоа на гласање и го остварија своето уставно загарантирано право на глас.

Упатувам и благодарност до институциите вклучени во организацијата и спроведувањето на изборите и на вработените во овие институции, кои беа на висина на одговорностите и спроведоа здравствено безбедни избори.

Посебна благодарност упатувам до Комисијата за заразни болести за донесените оперативно – успешни протоколи, со коишто е заштитено јавното здравје.

Победник од вчерашните избори е секој гласач, секој учесник во изборниот процес и пред и над сè, победник е Република Северна Македонија.

Нашата држава покажа дека е заслужено членка на НАТО и е заслужено пред почеток на преговорите со ЕУ.  

Како народ, како Влада и како држава, покажавме уште еднаш, европски вредности – на дело.

Организиравме здравствено – безбедни, мирни, фер, слободни и демократски, европски избори, како што и доликува на една држава којашто е на чекор до почеток на преговорите со Европската унија.

Ќе влезат во демократската меморија на нашата земја предвремените парламентарни избори 2020 година, преку коишто покажавме како навистина се сака својата земја, како се чуваат постигнувањата, како се обезбедуваат нови аргументи за интеграциските перспективи на земјата.

Овие, кристално чисти, фер и демократски избори се уште еден доказ, дека кога има демократска политичка определба и кога има демократска организација, има и чисти демократски резултати, одраз исклучиво на слободно изразената граѓанска волја.

На почетокот на Кампањата посакав овие избори да ги паметиме по нивното успешно спроведување, во услови на незапаметената светска здравствена криза.

Реков дека ќе биде запишано дека изборите се организирани и спроведени со максимална заштита по здравјето на граѓаните, во фер и демократска атмосфера, во којашто граѓаните ќе го остварат своето право на глас и на избор.

Денес тоа е реалност и тоа е заеднички успех на сите нас.

Почитувани,

Пред нас следува период на формирање целосно функционални институции коишто со полн капацитет ќе продолжат да се грижат за здравјето и за егзистенцијата на граѓаните и за реализацијата на втората стратешка цел, европските интеграции. 

Затоа во периодот што претстои граѓанската волја мора да биде час поскоро преточена во формирањето на новите легитимни институции, пред сè функционално Собрание и новата Влада.

Очекувам од Државната изборна комисија да дадат придонес во тој процес. Граѓаните ги очекуваат официјалните резултати од изборите и ДИК е должна да излезе на прес-конференција и да ги соопшти.

Да сме горди на вчерашниот фер и демократски изборен ден на којшто победи волјата на народот“.