22/11/2024
Македонија

Спасовски: Полицијата е заштитник на безбедноста на граѓаните

 

 “Чест ми е што се обраќам денес пред вас, по повод Денот на полицијата. Задоволството е уште поголемо што денес, сите ние сме сведоци на она што го постигнавме во изминатиот период. Навистина, се соочивме со многу предизвици кои беа резултат на општествено-политичките текови во нашата земја, но и резултат на негативни исуства во минатото. Денес, Министерството за внатрешни работи веќе јасно ги има контурите на институција која што претставува заштитник на слободите и правата на граѓаните, на нивната сигурност и безбедност, како и на сигурноста и на безбедноста на општеството во целина“. Ова меѓу другото, го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето денешно поздравно обраќање по повод одбележувањето на “7-ми Мај“ Денот на полицијата што се одржа во кругот на Министерството за внатрешни работи во Скопје.

Потенцирајќи ја јасно декларирана политичка волја за промени, министерот Спасовски нагласи дека полицијата, како фундамент на севкупната безбедност во државата, зачекори во период на интензивни и динамични реформи, во кои што пак министерството не настапуваше самостојно, туку работејќи заедно со меѓународните партнери, академската јавност и граѓанското општество, со што беа отворени вратите на инсититуцијата која порано беше недопирлива.

“Ги поставивме новите рамки на визијата за полицијата како реален сервис на граѓаните, и пред нас допрва се поставуваат нови, исто така, важни задачи и цели чија имплементација и операционализација ќе донесе објективни професионални стандарди и вредности во чија што основа стои најкруцијалното од сите начела – владеењето на правото. Она што всушност им е најважно на граѓаните“, истакна Спасовски.

Како што посочи министерот Спасовски – “нашата држава, после деценискиот застој, направи извонредно голем чекор напред во конечното остварување на примарната стратешка цел на државата – наше целосно, полноправно асоцирање во евро-атлантските интеграции. Тој чекор мора подготвено да го следат сите институции на системот и следствено на него да се надградуваат, унапредуваат, професионализираат, стандардизираат. Полицијата тоа, без дилема го прави“.

На крајот обраќајќи им се на сите припадници на МВР министерот Спасовски порача: “почитувани колеги, припадници на министерството од вас, од нас граѓаните очекуваат да бидеме вистински и бескомпромисни чувари на законитоста, на редот и поредокот, на сигурноста и безбедноста на секој граѓанин. Јас сум вашата поддршка и заедно ќе одговориме на новите предизвици“.

Одбележувањето на Денот на  полицијата започна со заедничко положување цвеќе на споменикот на загинатите припадници на МВР од страна на министерот за внатрешни работи Спасовски и претставници на роднините на загинатите припадници на МВР. Исто така, за децата и семејствата на загинатите припадници беа врачени решенија за одмори во одморалиштата на МВР.  Делегации од министерството посетија и неколку институции за згрижување на деца, при што на дечињата им беа врачени пригодни подароци.