22/11/2024
Македонија

Спасовски: Сообраќајните контроли даваат резултат, се намалува бројот на сообраќајни незгоди!

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска беше гостин во емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ, каде во фокусот на вниманието беа зајакнатите акциски контроли во областа на сообраќајот што се реализираат во сите градови, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот и подигнување на свеста кај граѓаните од потребата за почитување на сообраќајните правила и прописи, што пак влијае на намалување на сообраќајните незгоди со тешки последици.

„Контроли се прават на територијата на целата држава врз основа на претходно изработен план. За помалку од месец дена изречени се над 14.000 санкции во зајакнатите сообраќајни контроли ширум државата и овие мерки даваат резултат, бидејќи до овој момент имаме намалување на 7,5 % на бројот на сообраќајни незгоди од почетокот на засилените контроли“, истакна министерот Спасовски.

На новинарското прашање кога ќе почнат да се казнуваат пешаците кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, министерот Спасовски посочи дека и во моментов има изрекување на санкции кон овие учесници во сообраќајот.

„Иако е поголем бројот на казни за возачите, во рамки на овие контроли, секогаш кога ќе се забележи непочитување на сообраќајните прописи од страна на пешаците, имаме изрекување на санкции и за нив“, појасни министерот Спасовски, додавајќи дека така и ќе се продолжи, сѐ со цел воспоставување на ред во сообраќајот, што како горлива точка е нотирано од сите наши граѓани.

Меѓу темите на разговор беше и почитувањето на мерките за спречување на ширење на коронавирусот, односно санкциите кои се изрекуваат за неносење на заштита на лицето, кои исто така се зачестени, а дел од јавноста ги толкува како начин на полнење на државниот буџет.

Министерот Спасовски посочи дека таквата констатација не е точна односно во ниту еден случај не станува збор за полнење на буџетот, туку за придонес во спречувањето на ширењето на овој вирус.

„Само заеднички можеме да придонесеме за спречување на ширењето на коронавирусот. Тоа зависи од сите нас. Секој граѓанин мора да е во функција на заштита на јавното здравје“, нагласи Спасовски.