Спортски ден во салата „Тодор Александров“
По повод 4-ти март, денот на раѓањето на Тодор Александров, во Спортската сала во Велгошти која го носи неговото име, од страна на ОУ „Живко Чинго“ и Сојузот за училишен спорт, а под покровителство на в.д. градоначалникот, Константин Георгиески, е организиран Спортски ден. Учесници на манифестацијата се учениците од основните школи од Охрид и Дебрца.
„Влогот во младите, градењето на здрав дух и здрави навики претставува наша суштинска определба и наша секојдневна обврска. По тој повод, во организација на сите наставници по наставниот предмет физичко и здравствено образование, денес се организира овој Спортски ден во кој што учествуваат сите ученици од основните училишта од општина Охрид како и основното училиште од Дебрца.“ – изјави директорката на ОУ „Живко Чинго“ – Велгошти, Мирјана Крлеска.
Директорката Крлеска на в.д. градоначалникот Георгиески му врачи плакета за посебен придонес и поддршка на овој Спортски ден.
„Навистина ме радува фактот што Охрид како град може да се пофали со голем број на ентузијасти, особено во сферата на спортот. Ова е од големо значење за градот, бидејќи преку промоцијата на здравиот и активен начин на живот ги поттикнуваме да чекорат по вистинскиот пат. Токму тоа е причината што денес сме овде собрани во спортска сала „Тодор Александров“ во Велгошти, да го означиме почетокот на оваа спортска манифестација. Ваквите настани секогаш се сон за сите играчи и место каде може да ги покажат своите знаења и вештини. Се надевам дека овој настан ќе претставува дополнителна инспирација кај младите луѓе што поактивно да се занимаваат со спорт,“ – истакна в.д. градоначалникот Георгиески.
Во рамки на манифестацијата организирани се натпревари во повеќе дисциплини и тоа во мал фудбал, баскет, пинг понг и шах во машка и женска конкуренција.
WebOhrid