Спортски ден во салата „Тодор Александров“ Велгошти
По повод 144 години од раѓањето на македонскиот револуционер и великан Тодор Александров, денес во Спортската сала во Велгошти која го носи неговото име започна Спортскиот ден за учениците од основните училишта од Охрид, кој како домаќин го организира ООУ „Живко Чинго“ во соработка со Сојузот за училишен спорт Охрид.
„Со спортската игра и натпреварувањето децата ќе имаат можност како да не се возгордеат во победата, но и да не се разочаруваат во поразот. Спортот ќе ги научи дека постојаноста и посветеноста се најважни, а тие карактеристики ќе им помогнат така да се однесуваат и во сите други области од нивниот живот.“ – истакна директорката на ОУ „Живко Чинго“ Љубица Ангелоска Кркачоска, која го прогласи Спортскиот ден за отворен.
На Спортскиот ден се обрати и секретарот на Општина Охрид Александар Китески, кој истакна: „Инвестирањето во спортот и во спортската инфраструктура во поединците веќе вродува со плод, за кое лично можам да кажам дека сум многу горд. Охрид живее во духот на спортот. Во оваа прилика сакам да изразам благодарност до реализаторите на овој настан, бидејќи нивните активности за афирмација и подигање на спортската култура особено кај најмладите се во корелација со заложбите на Општина Охрид. Неизмерна е радоста да се гледа во деца чии лица ги краси насмевка и задоволство. Токму такви се лицата денес на учесниците на овој спортски ден. Дополнителен бенефит на ваквите манифестации е тоа што придонесуваат за правилен психофизички и социјален развој на нашите најмили – децата. Со правилен психофизички и социјален развој градиме здрава иднина како што вели народната поговорка, „Во здраво тело – здрав дух“. Исто така, ќе ги употребам и зборовите од американскиот спортист Џим Валвано „Никогаш не се откажувајте, падовите и неуспесите се првиот чекор кон успехот“.
Ќе се играат натпревари во фудбал за 6-то и 7-мо одделение, баскет за ученици од 8-мо и 9-то одделение, шах за ученици од прво до 9-то одделение и пинг-понг за ученици од 6-то до 9-то одделение. Најдобрите во сите дисциплини ќе бидат наградени со пехари, медали и дипломи.