Спроведени контроли на подрачјата на СВР Тетово, СВР Битола и СВР Велес: 26 приведени, забрани за 19 објекти
Врз основа на претходно добиени оперативни сознанија дека во голем број угостителски објекти не се почитуваат законските прописи во поглед на функционирањето на правните субјекти,незаконски престој на лица во Република Македонија, користење наркотици и слично, Министерството за внатрешни работи во соработка со Управата за јавни приходи и Државен пазарен инспекторат синоќа реализираше акциски контроли на подрачјето на СВР Тетово, СВР Велес и СВР Битола, а беше спроведена и зајакната контрола во врска со управувањето на возила од граѓани под дејство на алкохол, соопшти на денешната прес конференција директорот на Бирото за јавна безбедност Лазе Велковски.
„Контролите почнаа во 22 часот во Прилеп и продолжија до рано изутрина во Велес, Тетово и Гостивар. На подрачјето на СВР Тетово односно градовите Тетово и Гостивар, контролирани се 31 објект. При извршените контроли, на 19 објекти од страна на Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат изречени се мерки забрана за вршење на дејност во траење од 15, односно 30 дена за непочитување на законските прописи согласно Законот за регистрирано готовинско плаќање (неиздавање на фискална сметка или непоседување на фискален апарат) и Законот за угостителска дејност (физичко лице кое врши угостителска дејност без да се регистрира во регистар).За време на спроведувањето на акциската контрола приведени се вкупно 26 лица, од кои 16 македонски државјани (поради поседување на наркотична дрога и непоседување на документи за лична идентификација) и десет странски државјанки (девет државјанки на Република Србија и една на Република Црна Гора) поради злоупотреба на туристички престој во Република Македонија и нерегулиран престој во Република Македонија. Против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, рече Велковски.
Од извршениот преглед на лица- гости во објектите кај повеќе лица се пронајдени паковки со прашкаста материја. Тие се приведени во ПС Тетово и ПС Гостивар.
„Поради сторени прекршоци од Законот за приватно обезбедување на две лица македонски државјани им се издадени записници за констатиран прекршок и изготвени се прекршочни платни налози согласно Законот за приватно обезбедување.Контролирани се и неколку објекти на подрачјето на СВР Битола, но таму не се констатирани посериозни прекршоци“, рече Велковски.
При спроведувањето на акциската контрола не е констатирано нарушување на јавниот ред и мир.
„Од страна на СВР Велес, во градовите Велес, Кавадарци и Неготино, беше спроведена и зајакната акциска контрола во врска со управувањето на возило од граѓани под дејство на алкохол, при што алкотестирани се вкупно 232 возачи и притоа кај 29 возачи е утврдено присуство на алкохол.Министерството за внатрешни работи во соработка со другите институции ќе продолжи со ваквите контроли и во наредниот период“, соопшти Велковски.
https://www.youtube.com/watch?v=_mgD2XgoaL8