23/12/2024
Охрид

Спроведени повеќе превентивни активности на СВР Охрид

Во периодот од 09. до 13. декември 2024 година, Отсекот за превенција при СВР Охрид реализираше повеќе едукативни работилници во неколку основни училишта на подрачјето на охридските села Пештани, Велгошти и Лескоец и одржа работна средба со советодавната група граѓани од селото Косел поврзана со актуелни состојби на безбедносен план во регионот. Теми на едукативните предавања беа „Булинг и сајбер булинг“ и „Кажи НЕ на дрогата, ДА на животот“ и „НЕ користи петарди“. Притоа, полициските службеници низ интерактивна комуникација со учениците, ги објаснуваа поимите и разликите помеѓу булинг и сајбер булинг, како облик на насилства и агресивно однесување помеѓу младите, појавните форми на овие асоцијални и девијантни појави, кои сериозно ја загрозуваат безбедноста на учениците со посебен акцент на начините за препознавање, избегнување, пријавување на истите, како и на законските овластувања на полициските службеници и казнените одредби за сторителите.

Во истиот период, полициските службеници од Отсекот за превенција при СВР Охрид во соработка со Црвениот Крст Охрид го спроведоа и превентивниот проект „Кажи НЕ на дрогата, ДА на животот“. Целта на превентивно-едукативната активност, е информирање на младите за штетноста по здравјето од користење наркотици, формите и манифестација на зависноста, агресивното и асоцијалното однесување како последица од користење наркотици како и другите негативни влијанија кое го има дрогата врз развојот на младата личност.

Тимовите од полициски службеници и од Црвениот крст, пред учениците, исто така, ја нагласија штетноста и опасностите од неовластено користење на петарди и други пиротехнички средства и им укажаа на можните повреди кои петардите можат да ги предизвикаат кај луѓето посебно кај младата популација. Секако, учениците беа запознаени и со казнените одредби поради нелегална употреба на пиротехника.

Отсекот за превенција при СВР Охрид деновиве интензивно ја спроведува кампањата „Биди одговорен возач, користи зимска опрема“. Низ непосредна комуникација со возачите им се укажува за законската обврска за задолжително поседување зимска опрема при управување на моторните возила во и надвор од населени места.


WebOhrid / 15.12.2024 / МВР