Спуштени завесите на деветтото издание од „Вдиши театар“
На оригинален и храбар начин, преку форум театар, театарската група од Црвен крст Суботица ја изведоа претставата „ЛАНЧАНА РЕАКЦИЈА“, во која активно беше вклучена и публиката волонтерите-актерите од театарските групи на Црвен крст Крагуевац и Црвен крст Охрид, со свои видувања за продолжување и текот на соодветни сцени. Со тоа беа спуштени завесите на деветтото издание на Младинскиот аматерски театарски фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ што во организација на Црвен крст Охрид од 12 до 16 јуни 2024 г. се одржа во Охрид.
И оваа година Младинскиот аматерски театарски фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ ги исполна очекувањата на организаторот Црвен крст Охрид, а ценејќи според интересот, посетеноста и позитивните реакции и коментари на публиката, овој фестивал го најде и оправда своето место во охридскиот културен простор.
Кога на тоа ќе се додаде и можноста која младите целосно ја иаскористија да креираат театарската игра и да ја афирмираат својата талентираност и сплотеност без јазични, или било какви други бариери, силните хумани пораки кои ги упатија преку театарските претстави, контактите и врските воспоставени со меѓусебното дружењето во овие четири дена, со право „ВДИШИ ТЕАТАР“ претставува препознатлив производ и во земјата и во странство, со кој Црвен крст Охрид се гордее.
„Изразуваме искрена благодарност до учесниците на фестивалот, до публиката, до волонтерите и вработените во Црвен крст Охрид, до медиумите, до општина Охрид и до сите институции, фирми и поединци кои го овозможија, поддржаа и помогнаа одржувањето на театарскиот фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ 2024.“ – велат од „Вдиши театар“.
WebOhrid / 15.06.2024 / Црвен крст Охрид