22/11/2024
Македонија

Средба Битиќи – Брнз

Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, оствари средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Н.Е. Кејт Мaри Брнз, која беше придружувана од раководителот на канцеларијата на УСАИД, Ерик Јановски.

Амбасадорката Брнз ги поздрави демократско спроведените избори и формирањето на Владата, а воедно упати и честитки до Вицепремиерот Битиќи за назначувањето на новата функција.

 Вицепремиерот Битиќи се заблагодари за континуираната поддршка од страна на УСАИД, која реализира проекти за поддршка на нашето општество уште од 1993 година, пришто додаде дека помошта од УСАИД е добродојдена за  реализација на предвидените приоритетни политики кои ќе значат побрз и одржлив економски раст и развој, нула толеранција за корупцијата како и еднакви права и можности за сите.    

Во разговор за приоритетите и фокусот на работа во овој мандат Вицепремиерот зборуваше за Платформата за економски развој, во која ќе учествуваат сите чинители во економскиот живот, како една од алатките која ќе користи за проширување на соработката, отворање на дијалогот и зголемување на довербата помеѓу државата, бизнисот и граѓаните од една страна а ќе служи и како платформа за борба со сивата економија, непотребната бирократија и корупцијата на сите нивоа во државата. Дополнително, тој посочи дека заедно со вицепремиерот задолжен за борба со корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски, се започнува со креирање на системски решенија за надминување на овие девијантни појави, кои во голема мера го еродираат системот и спречуваат поголем стапки на раст.

Амбасадорката Брнз и претставникот на УСАИД Јановски изразија подготвеност да се подржат клучните реформи кои ќе ги спроведува Владата, потенцирајќи дека сега, како членка на НАТО, соработката помеѓу двете земји дополнително ќе се зајакне. 

Вицепремиерот Битиќи и амбасадорката Брнз се согласија со заеднички ангажман и понатамошна комуникација, да работат посветено на унапредување на меѓусебната економска соработка која ќе оди рака под рака со преговорите за членство со Европската Унија, но пред се за подобар живот на сите граѓани на Република Северна Македонија.