Средба на државнот секретар Николиќ со генералот Клос од Здружената команда на сојузничките сили на НАТО
Државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ, денеска се сретна со бригадниот генерал Реихард Клос, командант на секцијата Ј-9 во НАТО-Здружената команда на сојузничките сили во Неапол, Италија. Генералот Клос престојува во Република Македонија како дел од НАТО-работилницата за координација на воените партнерства чиј домаќин оваа година е Република Македонија.
Во рамки на средбата, државниот секретар Николиќ го запозна генералот Клос со реформските процеси во земјата и амбициозната агенда на Владата за нивно успешно спроведување во областа на одбраната, но и општо во сите сегменти на општеството.
Николиќ се осврна на една од стратешките цели на Република Македонија, евроатланските аспирации, каде истакна дека големо мнозинство од граѓаните на Република Македонија сакаат да ја видат земјата како полноправен член на НАТО и на Европската Унија. Во однос на реформите во одбранбениот сектор, државниот секретар ја истакна изработката на новиот Стратешки одбранбен преглед и Стратегија за одбрана, зголемувањето на буџетот за одбрана, подобрувањето на условите на припадниците на Армијата и зголеменото учество припадници од АРМ во мировната мисија во Авганистан.
Генералот Клос се заблагодари за организацијата и реализацијата на тековната НАТО-работилница во Скопје и изрази задоволство од професионалната соработка која постои помеѓу земјата и НАТО командата во Неапол.