Средба на државниот секретар Николиќ со командантот на специјалните сили на Бугарија
Државниот секретар, Драган Николиќ денеска во Министерството за одбрана оствари средба со командантот на 68 бригада на специјалните сили на Република Бугарија, бригаден генерал Јавор Матеев и одбранбеното аташе на Република Бугарија во Република Македонија, потполковник Пламен Николов.
На средбата државниот секретар Николиќ го изрази своето задоволство од интензивирањето на односите во одбраната меѓу Македонија и Бугарија, што претставува првичен позитивен ефект од потпишаниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу двете држави, откако двете министерства презедоа конкретни чекори за издигнување на одбранбената соработка на билатерален и регионален план.
Бригадниот генерал Матеев информираше за тековните подготовки на бугарската страна за изведување на заедничката вежбовна активност “BGR-MKD SOF JCET 18” која ќе се реализира во периодот 07-18 мај во Република Бугарија. Тој додаде дека намената на оваа вежба е постигнување интероперабилност на единиците за специјални операции на Република Бугарија и Република Македонија која ќе овозможи зголемен придонес во тековните и идните операции предводени од НАТО.
На средбата присуствуваше и командантот на Полкот за специјални операции на АРМ, бригадниот генерал Орце Јордев кој рече дека оваа средба помеѓу командантите на специјалните единици ќе придонесе за развој на нови области за соработка како што се: воено-алпинистичка обука, обука за снајперисти, падобранска обука и сл. Тој додаде дека за време на посетата ќе се разговара и за претстојните планирани активности од областа на специјалните операции на двете армии.