22/11/2024
Охрид

Средба на градоначалникот Стојаноски со министерот Бектеши

Градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски, вчера, оствари работен состанок со министерот за економија, Крешник Бектеши. На средбата беше разговарано за актуелната состојба во туризмот како и идните активности кои се планираат да се преземат за подобрување на состојбата.

Градоначалникот и министерот остварија и работен состанок со ХОТАМ, на кој се разговараа мерките што централната власт планира да ги спроведе во насока на подобрувањето на туристичката понуда.

„Она што беше ставено како најголема забелешка до Локалната самоуправа и што ние сме го лоцирале како проблем е донесување урбанистички планови, забрзување на прoцедурата за нивно донесување и во крајна линија донесување на урбанистичкиот план за целото крајбрежје“, истакна градоначалникот Стојаноски.

Општина Охрид веќе има аплицирано до фондовите на УНЕСКО за финансирање на изработката на два урбанистички планови. Првиот опфат се протега од населба Далјан до Подмоље , а другиот од населба Свети Стефан до хотел „Метропол“. Целта на изработката на овие два опфати е регулирањето на односите помеѓу локалната и централната власт, како и регулирање на односите помеѓу локалната самоуправа и стопанствениците на земјиштата.

„Наш став е дека целосен мораториум за градба има неповолни економски влијанија врз секторот. Ние не сме за радикални мерки како целосно стопирање на градење на крајбрежјето, туку сме за донесување на ДУП што ќе ја регулира проблематиката, од една страна ќе ги стопира дивите градби, а ќе се олесни добивањето дозвола за градење, рече Блажески, нагласувајќи дека сепак крајната одлука дали нешто ќе се гради на крајбржјето ја носи централната власт“, рече претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески.

Според ХОТАМ, хотелските капацитети на охридско-струшкото крајбрежје во моментов располагаат со приближно шест илјади легла, што според светските стандарди е премалку, доколку се има предвид дека категоријата „мала туристичка дестинација“ предвидува најмалку десет илјади хотелски легла.

Министерот Бектеши потенцира дека, Министерството за економија веќе има започнато процедура за ревидирање на Законот за туризам, особено во категоризацијата на хотелите, со што би се добил поедноставен и фер пристап кон сите хотелиери.