22/11/2024
Охрид

Средба на координаторите за борба против трговија со луѓе на Северна Македонија и Грција

Во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје во периодот од 1-ви до 3-ти јули 2019 година во Охрид, делегација предводена од м-р Магдалена Несторовска – државен секретар во Министерството за внатрешни работи и национален координатор за борба против трговија со луѓе и илегална миграција одржа работни состаноци со делегација на Република Грција, предводена од г-дин Хераклес Москов, национален известувач за трговија со луѓе на Република Грција, на кои учествуваше и амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје г-дин Клеменс Која.

„Живееме во свет во кој сме упатени едни на други, делиме исти предизвици и се соочуваме со исти опасности. Досегашното искуство не уверува дека борбата против организираниот криминал не познава граници, што не упатува на заедничка акција. Миграциската криза со која се соочија нашите држави во изминатите години го зголеми ризикот од трговија со луѓе, при што согледавме дека се потребни дополнителни напори преку креирање на зајакнат билатерален и регионален пристап“, рече, меѓу другото, г-ѓа Несторовска.

На работните состаноци делегациите ја презентираа структурната поставеност на своите капацитети, ја претставија нивната улога и ингеренции во борбата против трговијата со луѓе, но и постигнаа согласност за воспоставување правна рамка која ќе ја регулира идната соработка меѓу институциите на двете земји.
Средбите беа искористени и за размена на искуства и унапредување на соработката меѓу двете национални комисии за борба против трговија со луѓе, како и меѓу двете министерства за внатрешни работи.