Средби на министерката Шекеринска со Ралф Брауксипе и Михаел Рот
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вчера во Берлин оствари средба со Ралф Брауксипе, парламентарен државен секретар во германското Министерство за одбрана.
На средбата министерката Шекеринска посочи дека интеграцијата на Македонија во НАТО-Алијансата, е во врвот на приоритетите на Владата на Република Македонија. Министерката додаде дека членството на Македонија во Алијансата ќе покаже дека политиката на отворени врати на НАТО е жива и дека дава резултати.
„Само со интеграција на земјите-аспиранти во НАТО, регионот на Западниот Балкан и Балканот во целина ќе биде мирен, безбеден и просперитетен“, рече министерката.
Шекеринска истакна дека демократијата, владеењето на правото, слободата на медиумите и целосната транспарентност кон граѓаните се столбовите на кои треба да се развива секоја современа држава и додаде дека Република Македонија е посветена овие вредности да бидат реалност за сите нејзини граѓани.
Во текот на денешниот ден министерката Шекеринска ќе се сретне и со Михаел Рот, државен министер за европски работи во германското Министерство за надворешни работи.