26/11/2024
Македонија

Средба на министерот Димитров со претседателот и членови на Комисијата за ЕУ прашања при германскиот Бундестаг

Делегација на Комисијата за ЕУ прашања при германскиот Бундестаг, предводена од претседателот г. Гинтер Крихбаум, денеска беше примена од страна на министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Покрај Крихбаум (ЦДУ), во состав на делегацијата беа и пратениците Томас Хакер (ФДП) и Харалд Вејел (АфД).

Министерот Димитров ги брифираше германските пратеници за текот на спроведувањето на реформите и понуди краток пресек за преземените чекори и постигнати резултати во унапредувањето на добрососедските односи. Притоа, искажа посебна благодарност за досегашната поддршка од Бундестагот, како и уверување дека преку засилено делување во наредните месеци, германскиот федерален парламент ќе даде значаен поттик во реализацијата на нашите стратешки цели – почеток на преговорите со ЕУ и членство во НАТО.

Крихбаум ги поздрави постигнувањата на македонската Влада во спроведувањето на реформската агенда и проактивниот пристап во односите со соседите, укажувајќи дека ваквата политика влева дополнителна доверба за европската и евроатланската перспектива на Македонија.

Германските пратеници ја реафирмираа и принципиелната поддршка од страна на Бундестагот и Сојузна Република Германија за напорите на Република Македонија за стекнување полноправно членство во Европската Унија и НАТО.