Средба на МНР Димитров со амбасадорот за Западен Балкан при МНР на Јапонија, Хироши Кавамура
Министерот за надворешни работи Никола Димитров го прими амбасадорот задолжен за Западен Балкан при Министерството за надворешни работи на Јапонија, Хироши Кавамура. Посетата на амбасадорот Кавамура е прва по неговото назначување на позицијата и претставува одлична можност за продлабочување на соработката меѓу Република Македонија и Јапонија.
Министерот Димитров ја поздрави јапонската иницијатива за соработка со земјите од Западен Балкан, која претставува нов значаен механизам за потесна соработка и поддршка на земјите од Регионот во нивната европска интеграција. Во доменот на билатералните односи и соработка, МНР Димитров изрази задоволство од суштинскиот напредок постигнат досега, особено по минатогодишното отворање на резидентна јапонска амбасада во Скопје и го истакна интересот за натамошен проактивен ангажман на овој план.
МНР Димитров: „Срдечно ја поздравувам јапонската иницијатива за соработка со земјите од Западен Балкан и искрено се надевам дека оваа иницијатива, меѓу другото, ќе резултира со прва јапонска инвестиција во Република Македонија“.
Амбасадорот Кавамура изрази задоволство што Република Македонија е првата земја која ја посетува по неговото преземање на новата функција. Исто така, тој информираше за областите кои ќе бидат фокус на јапонската иницијатива за соработка со земјите од Западен Балкан, меѓу кои економската поддршка, споделување знаење и експертизи во области од регионален интерес, како и промовирање на мали и средни претпријатија.
По одржаната средба, во Министерството за надворешни работи беа одржани третите по ред политички консултации меѓу Република Македонија и Јапонија на ниво на политички директори, на кои беше детално разговарано за севкупните односи и нивното натамошно унапредување.