Средба на МНР Димитров со помошникот Генсек на ОН за политички прашања, Мирослав Јенча
Министерот за надворешни работи на Република Македонија, г-дин Никола Димитров денес оствари средба со помошникот генерален секретар на ОН за политички прашања, г-дин Мирослав Јенча.
На средбата беа разменети мислења за надворешната политика на Република Македонија со соседните држави, како и за напредокот во имплементацијата на реформската агенда на македонската влада.
Министерот Димитров ги презентираше актуелните чекори на Република Македонија во однос на унапредување на добрососедската политика, кои конкретен израз добија и преку Договорот за добрососедство со Република Бугарија, како и конструктивното реактивирање на разговорите со Грција за надминување на разликата околу името. Исто така, Министерот потенцираше дека Република Македонија длабоко го цени ангажманот на личниот претставник на Генсек на ОН, г-дин Метју Нимиц во рамки на тој процес. МНР Димитров, воедно извести за актуелните иницијативи и реформи на македонската влада на домашен план.
Помошникот генерален секретар на ОН за политички прашања, г-дин Мирослав Јенча, изрази задоволство од позитивниот развој во добрососедската политика, како и од реалните резултати на владината програма 3-6-9, во приоритетните фокусни области. Додаде дека ОН, како глобален авторитет на меѓународната сцена, а и во контекст на конкретниот мандат што го имаат за тоа прашање, со должно внимание и сериозни заложби го третира прашањето за надминување на разликата околу името.
На средбата, соговорниците разменија мислења и за актуелните клучни прашања во рамките на ОН, постигнувањето на целите на агендата 2030, реформирањето на организацијата, и важноста на мултилатералното делување во справувањето со глобалните предизвици.