23/11/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со чешкиот министер за надворешни работи, Петричек

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, попладнето се сретна со Томас Петричек, министер за надворешни работи на Чешката Република.

На средбата е поздравен постигнатиот Договор од Преспа и отворените НАТО перспективи, резултатите на нашата држава на економски план во последниот период и реформскиот процес. Изразено е очекување дека во јуни ќе биде вреднуван напредокот на Република Северна Македонија со почеток на преговори со Европската Унија.

Премиерот Заев рече дека со политики на дијалог во државата, на изградба на иднина со соседите и охрабрувањето од пријателите од меѓународната заедница, доаѓаат резултатите.

„Адаптиравме голем дел од донесената легислатива во реформскиот процес и очекуваме заокружување во претстојниот период на реформите во правосудството, борбата против корупцијата, безбедносните служби, јавната администрација, низ отворена соработка со опозицијата. Подготвени сме како држава да одиме напред. По 14 години од добиениот кандидатски статус, во јуни очекуваме датум за почеток на преговорите со Европската Унија“, рече премиерот Заев.

Тој посочи дека позитивните промени во државата, во последните 20-тина месеци ги покажуваат првичните резултати во квалитетот на живот на граѓаните и економијата, кон чие што обезбедување е насочена Владата.

„По два месеца од постигнатиот Договор во Преспа има само позитивни ефекти. Двојно се зголемени странските инвестиции за само една година, има раст на бруто домашниот производ, од минусното салдо што беше затекнато, сега имаме намалување на невработеноста, раст на платите. Евроатлантската иднина на Република Северна Македонија значи стабилност и безбедност за нашата држава и за регионот, но и економски развој“, рече премиерот Заев.

На средбата е констатирано дека постојат пријателски односи помеѓу Република Северна Македонија и Чешката Република што овозможуваат интензивирање на соработката. Во таа насока веќе е разговарано за посета на бизнис делегација од Чешката Република, на нашата држава. Премиерот Заев се заблагодари на чешкиот министер за надворешни работи Петричек, за финансиската помош во областа на безбедноста и споделените искуства при справувањето со бегалската криза. Освен тоа, премиерот Заев, на чешкиот министер Петричек му врачи официјална покана за премиерот на Чешката Република, Андреј Бабиш, за негова посета на Република Северна Македонија.