Средба на премиерот Заев со делегација на бугарскиот Уставен суд предводена од претседателот Велчев
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерката за правда, Рената Дескоска и генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски денеска се сретна со делегација на Уставниот суд од Република Бугарија, предводена од претседателот Борис Велчев, а придружувани од нивните домаќини, претставници од Уставниот суд на Република Северна Македонија и претседателот, Никола Ивановски.
На средбата се истакнати добрите, пријателски односи меѓу двете земји, коишто одат во нагорна линија, како на политички и економски план, така и во делот на правниот систем и правосудството. Возвратната посета на делегација од бугарскиот Уставен суд, по посетата на делегација од Уставниот суд на Република Северна Македонија, на Република Бугарија, е посочена како важна во делот на размената на позитивни искуства меѓу двата суда за местото и улогата на уставните судови во изградбата на демократски општества. На состанокот е заеднички оценето дека е од исклучителна важност автономноста на Уставниот суд и на правосудството во изградбата правна држава и обезбедување владеење на правото.
Од голема важност е улогата на Уставниот суд во заштитата на човековите права, како темелна уставна вредност, во развојот на демократските процеси и во почитувањето на законите од страна на сите во државата. Посветени сме на изградбата правна држава и во таа насока сме поставени кон работата на Уставниот суд и во реформскиот процес којшто има за цел да обезбеди независен и професионален правосуден систем, рече премиерот Заев.
На средбата е оценето дека договорот за добрососедство, пријателство и соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија отвори можности за уште поинтензивна соработка меѓу двете земи, во сите области. Исто така е изразено очекување дека по отворените НАТО интеграции, Република Северна Македонија ќе ги почне заслужените европски перспективи со скорешно добивање датум за почеток на преговорите, со што соработката ќе биде проширена и на европско ниво, покрај добрите билатерални односи.