25/11/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев и владини претставници со амбасадорите на Политичко-безбедносниот комитет на ЕУ

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска се сретна со амбасадорите на Политичко-безбедносниот комитет на Европската унија од Брисел, придружувани од амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар и претставници на делегацијата на ЕУ во Република Македонија.

На состанокот којшто се одржа во Клубот на пратеници во Скопје, се разговараше за актуелни политичко безбедносни прашања, како и за поврзаноста на предизвиците и начините на нивно надминување во европски и светски рамки.

Европските претставници изразија поддршка на реформските чекори што ги презема Владата во рамки на Планот 3-6-9, за изградба на независни институции, во едно општество за сите граѓани. Претставниците од ЕУ ги поздравија и напорите на Владата за развој на добрососедски односи, како и за решавањето важни прашања од државен и граѓански интерес во соработка со цивилниот сектор и со опозицијата.

Клучно, амбасадорите на Политичко-безбедносниот комитет на Европската унија од Брисел рекоа дека се во Република Македонија да ја пренесат пораката дека ја поддржуваат Република Македонија во евро-атлантските интеграциски цели и да го реафирмираат ставот дека Западен Балкан е приоритет за ЕУ, затоа што стабилноста и просперитетот на регионот се важни за Европската унија во целост.

„Ќе продолжиме да даваме причини за натамошна поддршка од нашите партери од меѓународната заедница. Иднината на граѓаните и на Република Македонија е во Европската унија и во НАТО. Градиме институционални капацитети во правосудството, тајните служби, јавната администрација, медиумите. Градиме добри односи со соседите-по договорот со Бугарија, работиме на решавање на долгогодишниот спор со Грција. И од овие причини, имам позитивни очекувања за напредок во европските и НАТО аспирациите на Република Македонија“, рече премиерот Заев.

На средбата, министрите и поединечно објаснија за позитивните исчекори: во правосудството – во согласност со препораките од Венецијанската комисија, ГРЕКО и ЕК, во одбраната – низ зголеменото учество на Македонија во НАТО мисиите и иницијативата за вклучување во безбедносните ЕУ мисии, за законските измени со коишто треба да се спречи злоупотреба на системот за следење, за воведувањето механизми за ефикасно спречување на криминалот и корупцијата, за борба против тероризмот, за деполитизација и департизација на полицијата, за силни институции коишто ќе можат целосно да одговорат на потребите на граѓаните.

„Ќе продолжиме да ја зајакнуваме институционалната соработка и со државите од регионот, но и со ЕУ, за сите важни прашања, како за нашата држава, така и за регионот и за Европа“, рече премиерот Заев.

Владините претставници и амбасадорите на Политичко-безбедносниот комитет на Европската унија од Брисел разговараа и за безбедносните предизвици во регионот, Европа и светот.

Претставниците од Владата нагласија дека времето на нови карти и нови граници на Балканот е минато, дека државите од регионот имаат богато заедничко минато, но дека она што сега ги поврзува е нивната заедничка иднина за којашто цврсти гаранти се евро-атлантските интеграции.

Во врска со прашањето со мигрантската криза, поздравена е определбата тоа да се решава во согласност со ставовите на ЕУ.

Исто така, поздравен е и ставот на Република Македонија против светскиот тероризам и радикален екстремизам и учеството на земјата во мировните мисии, со што нашата држава заедно со демократскиот свет се позиционира на страната на мирот.