23/11/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Чакај

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Гент Чакај, министер за Европа и надворешни работи на Република Албанија, придружуван од албанскиот амбасадор во земјава, Фатос Река.

На средбата се изразени честитки за повторното именување на премиерот Заев на премиерската позиција, како и за изборот на новата Влада во што се гледа потврда на определбите на граѓаните и државата кон евроатлантските интеграции.

Премиерот Заев се заблагодари за честитките и упати поздрави до премиерот Еди Рама и до Владата на Албанија.

Заеднички е констатирано дека двете држави немаат отворени прашања и дека тоа отвора пат да се употреби целиот потенцијал од областите значајни за граѓаните, како што се инфраструктурата, енергетиката, економијата со цел подобрување на квалитетот на живот во двете држави. Во таа насока е разговарано и за можноста за одржување меѓувладина седница.

„Наша цел е европеизација на државата и економски развој. Формиравме стабилна Влада и сме насочени кон зајакнување на капацитетите на системот, посебно низ образованието и владеењето на правото. Имаме големи успеси зад нас, тоа се договорите со Бугарија и со Грција, градиме во државата „Едно општество за сите“, еднакво за сите граѓани и сето ова овозможи во овој мандат да се посветиме на напредок дома, во сите области од полза на секојдневниот живот на граѓаните“, истакна премиерот Заев.

На состанокот е заеднички констатирано дека на регионот му се потребни стабилност и засилен економски развој и дека е во заеднички интерес решавање на сите билатерални прашања низ дијалог, каков што пример даде Република Северна Македонија низ добрососедските односи, со цел евроатлантски перспективи на целиот Западен Балкан.