Средба на премиерот Заев со амбасадорот Стафансон
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев попладнево имаше средба со Матс Стафансон, амбасадор на Кралството Шведска во Република Македонија.
На средбата се разговараше за можноста за продлабочување на соработката помеѓу двете држави, на повеќе полиња од интерес на граѓаните на двете земји, како и за актуелни политички теми.
Шведска ја поддржува Македонија во продолжението на процесите што водат кон заокружување на евро-атлантската иднина на нашата држава, е пораката што ја пренесе амбасадорот Стафансон на премиерот Заев.
На состанокот е констатирано дека е неопходно сите политички субјекти да се посветат на конструктивни политики што носат напредок на Македонија и квалитетен живот за граѓаните.
-Мојата определба како премиер и определбата на Владата е низ интегративен политички процес во државата, да се постигне договор за важните политички прашања, во интерес на иднината на Македонија. Тоа го покажавме и во договарањето за ДИК, за финансирањето на политичките партии, за измените во Законот за Влада. Очекувам сите од опозицијата да се придружат на мнозинската политичка определба и на определбата на граѓаните за евро-атлантска иднина. Затоа верувам дека референдумот ќе биде успешен и на него ќе биде одразена мнозинската волја, за Македонија интегрирана во ЕУ и НАТО, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Зоран Заев му се заблагодари на амбасадорот на Кралството Шведска, Матс Стафансон, за големата поддршка што и ја дава Шведска на Македонија во сите демократски и развојни процеси на нашата држава.