Средба на премиерот Заев со австралиската амбасадорка Фини
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со амбасадорката на Австралија за Република Македонија, која го завршува својот мандат, Џулија Фини.
Амбасадорката Фини даде поддршка на интеграциските процеси на Република Македонија, што отвораат можности за поквалитетен живот за граѓаните во нашата држава.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната соработка помеѓу Македонија и Австралија, посебно во делот на инвестициите и економијата.
-Перспективите што ги отворивме, со поканата за пристапни преговори за НАТО и најавениот датум за почеток на преговори со ЕУ, значат шанси за економски развој на Македонија и подобар животен стандард за граѓаните. Веќе има бројни инвестиции за коишто имаме потпишано договори, или сме во фаза на договарање, што значи повеќе работни места за граѓаните, како и повисоки плати. Македонија и Австралија ги поврзува дијаспората, но и одличното пријателство и постојат услови да се развие економската соработка од заеднички интерес, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, најави дека во периодот што престои уште посилно ќе се посвети на економијата во државава, по дипломатската активност којашто резултираше со отворени врати за евро-атлантските интеграции.
На средбата се разговараше и за актуелни политички прашања. Премиерот Заев го изнесе своето очекување дека граѓаните кои избраа демократски развој на Република Македонија, со европска и НАТО иднина, ќе дадат силна поддршка на продолжување на овие процеси, до конечна реализација на стратешките цели, интеграција во НАТО и ЕУ.
Премиерот Заев, во име на граѓаните на Македонија, ѝ се заблагодари на амбасадорката Фини за личните заложби и за принципиелната поддршка на Австралија во обновата на демократските капацитети на институциите во нашата држава. Амбасадорката на Австралија за Македонија, Фини, посака Македонија да продолжи да се развива во современо, модерно општество, добро место за живеење за своите граѓани.