23/11/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со бизнисмени во Анкара: Трговијата да достигне милијарда евра, има интерес за нови инвестиции

Постојат можности за унапредување на економската соработка меѓу Република Македонија и Република Турција, констатирано е заеднички на вечерата на премиерот Зоран Заев со бизнисмени од Турција, организирана вечерва во Анкара, од ТОББ (TOBB) – Сојузот на стопански комори и берзи на Република Турција.

-Тука сме да пренесам отворена покана за инвестирање во Македонија. Свесен сум дека мојата земја ќе има напредок ако се развиваат приватниот сектор и инвестициите. Сакам да ви пренесам дека постои амбиент за инвестирање во Република Македонија. Со околу 35 инвеститори сме во пред договор, со 10 имаме потпишано договори, а има 100-ци заинтересирани, рече премиерот Заев пред бизнисмените од Турција.

Тој посочи дека Турција е 6. земја по големина на инвестиции во Македонија, дека 456 милиони евра е трговската размена и порача дека со перспективите за поголема соработка, може да има и поголем профит за компаниите и нови работни места за граѓаните на Македонија.

-Нашата цел е за неколку години трговијата со Турција да биде една милијарда евра, рече премиерот Заев.

Тој посочи на еднаквиот третман што го има новата Влада кон странските и домашните инвестиции, олеснувањата кај данокот на добивка и персоналниот данок, годишниот буџет од 55 милиони евра за секоја инвестиција во домашното стопанство.

Како области за продлабочување на соработката ги наведе земјоделството, енергетиката, градежништвото. Премиерот Заев рече дека правна регулатива за соработка меѓу двете  држави има, но дека ќе има унапредување на постојните договори, како тој за слободна трговија.

Тоа е едно од очекувањата на бизнис заедницата во Турција.

Потпретседателот на ХОББ, Фаик Јавуз, порача дека Турција и Македонија се големи пријатели и дека тие, како граѓани и како бизнис заедница ја поддржуваат Македонија во нејзиниот развој.

-Има околу 100 турски инвестиции во Македонија, но има уште многу што да се направи. Македонија се наоѓа во срцето на Југоисточна Европа, цели кон ЕУ, работи на тој пат, тоа значи отворен пазар и од 650 милиони луѓе, рече потпретседателот на ХОББ, Јавуз, охрабрувајки ги бизнисмените за инвестиции во нашата држава.

Тој му честиташе на премиерот Заев за новата позиција и оцени дека Република Македонија треба да биде среќна што има динамичен премиер кој ќе остави белег со своето работење.

Премиерот Заев во име на граѓаните на Македонија се заблагодари за искрениот пријател што го имаат во граѓаните на Турција.

На средбата зборуваше и министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил кој најави максимална поддршка за зголемување на економската соработка. Се отвори и дискусија со заинтересираните бизнисмени кои на премиерот Заев му доделија плакета како благодарност за отворената соработка.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев од вечерва е во официјална посета на Република Турција придружуван од министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил, пратениците во Собранието на Република Македонија, Енес Ибраими и Јусуф Хасан и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски. Премиерот Заев, за време на посетата на Анкара ќе има средби на највисоко владино и државно ниво.