Средба на премиерот Заев со британскиот државен министер за Европа и Америка, Данкан
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со Ален Данкан, британскиот државен министер за Европа и Америка.
На средбата е изразена поддршка за успешен референдум, како демократски начин на израз на граѓанската волја. Британскиот министер Данкан го поддржа процесот на интеграции на Македонија и охрабри земјава да ги оствари стратешките цели, што е важно за Mакедонија, но и за целиот регион. Секоја поединечна одлука за бојкот на референдумот е бојкот на иднината на државата и на демократијата, констатирано е заеднички на средбата.
– Огромно мнозинство граѓани се за членство на Република Македонија во ЕУ и во НАТО, затоа што тоа ќе донесе стабилност и безбедност во државата и европски животен стандард. Јас сум уверен дека тоа ќе се преслика на претстојното гласање за референдумот. Очекувам сите политички субјекти во државата и поединци да најдат сила и дека ќе се издигнат над политичките интереси и ќе одговорат на обврската да се изјаснат на референдумот, во овој историски момент за иднината на државата, рече премиерот Заев.
На состанокот се разговараше и за други актуелни политички и безбедносни прашања на домашен и регионален план. Заедничка оценка е дека евро-атлантските интеграции на Македонија се придонес во регионалната стабилност и безбедност и економските перспективи за сите граѓани.