22/11/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со данскиот амбасадор Хоугард

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со Андрес Кристиан Хоугард, амбасадор на Кралството Данска, акредитиран за Македонија.

Амбасадорот Хоугард пренесе задоволство од Данска, како е поставена Македонија во процесите што водат кон отворање на преговорите со Европската унија и кон членство на нашата држава во НАТО.

Данскиот амбасадор посочи дека Македонија ја има поддршката од Данска во евро-атланстките интеграции. Тој констатираше дека нашата земја е важна и во регионална смисла, поради постигнатиот брз видлив напредок, после политичката криза.

Премиерот Заев се заблагодари за пријателската, принципиелна поддршка од Данска во важните моменти за Република Македонија, како што е сегашниот, кога граѓаните и државата се подготвуваат за претстојниот референдум.

-Мнозинството граѓани ја сфаќаат личната одговорност што ја имаат за иднината на своите деца и за стабилноста на државата со членството на Македонија во ЕУ и во НАТО и јас очекувам успешен референдум. Мотивирани сме како граѓани и како Влада од вреднувањето на нашите реформски напори, како и од потврдените, обновените и зацврстените пријателства со земјите од регионот и од меѓународната заедница. Очекуваме евро-атланските интеграции да донесат и економски напредок од што бенефит ќе почувствува секој граѓанин, рече премиерот Заев.

На средбата е посочено како важно решавањето на билатералните прашања низ меѓусебно почитување на државите, каков што е случајот со Македонија, којашто на таков начин ги затвори сите прашања со соседите и со тоа отвори пат кон ЕУ и НАТО.

Премиерот Заев нагласи дека по референдумот земјата уште посилно ќе се фокусира на реформите во правосудството, медиумите, администрацијата, со цел целосно да го постави државниот систем според европските вредности и правила, во интерес на граѓаните и какви што се очекувањата на земјите членки на ЕУ.

Заеднички е констатирано дека постојат услови за интензивирање на економската соработка меѓу Република Македонија и Кралството Данска.

На состанокот се разговараше и за други актуелни политички прашања и потребата од нивно решавање во интерес на стабилноста и безбедноста на целиот регион.