22/11/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа за постмониторинг дијалог со Република Македонија, предводена од ко-известителите Лиза Кристоферсен и Валериу Гилечи.

На средбата се разговараше за актуелни политички прашања поврзани со реформските процеси во земјава, посебно во делот на судството, почитувањето на законите, демократијата и човековите права.

Претставниците на Парламентарното собрание на Советот на Европа даваат поддршка на евро-интеграциските процеси на Република Македонија и напредокот на државава.

Премиерот Заев посочи дека Република Македонија е на добар пат во реализацијата на своите стратешки цели, интеграциите во ЕУ и во НАТО и подобар живот на граѓаните на економски план.

Ги спроведуваме посветено потребните реформи во земјата низ инклузивни политики и водиме политики на добрососедство, што ги отворија перспективите на нашата држава. По договорот со Бугарија, постигнат е достоинствен договор и со Грција, со што го затвораме и последното прашање што стои на патот на Македонија во евро-атлантските аспирации. Граѓаните ќе го дадат последниот збор на референдум во врска со договорот со Грција, но очекувам општествена свест и сите да застанеме зад развојот на Македонија и да продолжиме уште поактивно да ја движиме државата напред, рече премиерот Заев. 

Претседателот на Владата Заев оцени дека добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ ќе биде мотив повеќе во енергичниот реформски пристап на Владата, којашто во овој процес ги вклучува активно и сите други општествени и политички чинители.

На состанокот, премиерот Заев и ко-известителите Кристоферсен и Гилечи од ПССЕ разговараа и за измените во Изборниот законик, како и за потребната зрелост од сите политички субјекти во државата, за носење одлуки во интерес на натамошните перспективи и стабилноста на Македонија.