25/11/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со делегација од Претседателството на БиХ предводена од членот Комшиќ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, вечерва се сретна со делегација од Босна и Херцеговина, предводена од Жељко Комшиќ, член на Претседателството на БиХ.

Поздравени се храбрите политики на премиерот Заев со коишто е постигнат Договорот од Преспа, низ визија, храброст и мудрост, што ги отвори НАТО перспективите за Република Северна Македонија, а е изразено очекување дека нашата држава во јуни ќе ги почне и преговорите со ЕУ. Исто така, оценето е дека постигнатиот Договор, освен за односите меѓу двете земји и за самите држави, ефект има и во регионот, бидејки испраќа порака дека од речиси невозможни политички ситуации, можни се позитивни решенија.

– Решението на билатералниот спор со Грција донесе бенефит на економски план, бидејки порасна бројот на инвеститори заинтересирани за инвестирање во Република Северна Македонија, а меѓу нив има и заинтересирани грчки инвеститори. По НАТО интеграциите, што значат стабилност и безбедност, работиме на тоа да ги исполниме сите услови што ќе овозможат почеток на преговорите на нашата држава со ЕУ во јуни, рече премиерот Заев.

На средбата е констатирано дека Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина немаат отворени политички прашања, што е голема можност за унапредување на соработката, посебно во делот на зголемувањето на трговската размена и економијата. Договорено е да се работи поинтензивно на тој план.

Премиерот Заев се заблагодари на делегацијата од Претседателството на БИХ којашто е во посета на нашата држава и ќе присуствува во Скопје на одбележувањето на 15-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и членовите на неговата делегација.