Средба на премиерот Заев со индиската компанија „JSW“
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска оствари средба со директорот на индиската компанија „JSW“, Саџан Џиндал и со генералниот менаџер на компанијата „ИГМ“, Александар Гечев.
На средбата се разговараше за новите можности за инвестиции коишто се отвораат за компаниите преку новите мерки за поддршка предвидени во Планот за економски раст, за природниот потенцијал со којшто располага Република Македонија, како и за позитивните аспекти на деловниот амбиент во Република Македонија.
Компанијата „JSW“ од Индија се занимава со производство на челик, цемент, електрична енергија од обновливи извори, а како нова инвестициона програма беше посочена производната линија на електрични автомобили.
Премиерот Заев презентираше дел од мерките предвидени во Планот за економски раст и ги повика претставниците на индиската компанија да аплицираат по мерките од Планот за економски раст кој нуди јасни и транспарентни критериуми еднакви за сите и да се одлучат за нови инвестиции во нашата земја. Премиерот Заев посочи дека во Македонија e обезбеден стабилен бизнис амбиент во кој се поддржува растот и успехот на домашните и странските компании со цел да расте квалитетот на живот и да се отвораат нови работни места за граѓаните.
Од страна на претставниците на компаниите беше изразен интерес за нови инвестиции во областа на производство на електрична енергија од обновливи извори.