25/11/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со помошник генералниот секретар на НАТО, Лорингхофер

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со помошник генералниот секретар на НАТО за разузнавање и безбедност Арнд Лорингхофер.

На средбата е пренесена поддршка од сите земји на НАТО, на премиерот Заев, на Владата и на нашата држава, во финалните чекори за членство во НАТО, со надеж дека Република Македонија ќе биде 30-та земја членка на Алијансата. Констатирано е дека позитивните случувања во земјата се добра вест и за светот. Исто така, изразена е поддршка на насока на реформите и законската легислатива што се носи, во делот на професионализација и ефикасност на безбедносните служби.

– Членството на Република Македонија во НАТО ќе има позитивен импакт за нашата земја, но и во целиот регион, затоа што носи стабилност. Тоа ќе влијае и на развој на економијата, бидејќи инвеститорите пред се тргнуваат од стабилноста кога одлучуваат каде ќе вложуваат. Веќе сме во сериозни контакти со светски познати компании коишто се заинтересирани за инвестирање во регионот и имаме позитивни сигнали дека во Република Македонија гледаат сериозни потенцијални можности, поради отворените НАТО перспективи, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, соопшти дека реформите во безбедносните служби се прават низ инклузивен процес во државата, но и според успешни модели од земјите членки на НАТО. Тој најави дека и во следните чекори, Владата тесно ќе соработува со НАТО земјите во врска со заокружувањето на професионализацијата на безбедносниот сектор, затоа што целта на Република Македонија е да биде партнер за пример во НАТО.

Високиот претставник на НАТО, Лорингхофер, изрази благодарност за придонесот на нашата држава во мировните мисии и растечкото учество на војници на АРМ во мисиите во Авганистан. Премиерот Заев најави дека трендот ќе продолжи и во иднина и во однос на партиципацијата на припадници на АРМ во мировните мисии и во однос на одвојувањето буџетски средства за Армијата, затоа што целта на Владата е војниците од Република Македонија да бидат на достоинствено ниво со нивните колеги од НАТО земјите, во мисиите.

На средбата е разговарано и поконкретно за актуелната безбедносна состојба во државата и во регионот. При тоа, премиерот Заев изрази благодарност до претставниците на НАТО за денешната средба, како и за континуираната поддршка што доаѓа од генералниот секретар на НАТО и од земјите членки за Република Македонија, а коишто ги оцени како значајно охрабрување за институциите, правосудниот систем, администрацијата, медиумите, граѓаните, дека државата се движи во вистинската насока.