Средба на премиерот Заев со претседателот на Собранието на Турција, Кахраман
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот без ресор, Аднан Ќахил, пратениците во Собранието на Република Македонија, Енес Ибраими и Јусуф Хасан и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, попладнево се сретна со претседателот на Собранието на Република Турција, Исмаил Кахраман, придружуван од парламентарна делегација на Турција.
Претседателот на Владата, Заев, во име на граѓаните, на Парламентот и на Владата на Македонија, пренесе сочувство за загинатите припадници на турските воени сили. Двете делегации се согласија дека и Македонија и Турција се против тероризмот, на страната на мирот во светот.
На средбата е изразена заедничка согласност дека парламентарната соработка меѓу двете држави е важна и дека ќе придонесе кон определбата за зголемување на трговската размена меѓу Македонија и Турција на една милијарда евра.
Претседателот на Парламентот, Кахраман изрази задоволство што повторно е воспоставена соработката на највисоко премиерско ниво, после три години, меѓу двете земји. Тој соопшти дека Република Турција продолжува силно да ја поддржува Република Македонија во НАТО и ЕУ интеграциите и упати покана преку премиерот Заев, до претседателот на Собранието на Македонија за парламентарна посета на Турција.
„Република Турција е голем пријател на Република Макединија, ќе ја развиваме економската соработка за што има и услови и интерес од двете страни, а за обезбедување квалитетен живот и перспективи на граѓаните и државата, многу се важни членството во НАТО и ЕУ. Ве повикувам, како Парламент на една голема пријателска земја, да продолжите да ‘не поддржувате на тој пат“, побара премиерот Заев на средбата со претседателот на Парламентот на Турција, Кахраман.
Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев положи свежо цвеќе во делот од Парламентот оштетен при обидот за државен удар во 2016 година во Република Турција во спомен на загинатите.
https://www.youtube.com/watch?v=OaQmt2ewRxA