22/11/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со претседавачот со Советот на министри на БИХ, Звиздиќ, во Сараево

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во Сараево попладнето имаше тет а тет средба со претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.

На средбата е констатирано дека се во развој билатералните односи помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина, за што говорат и честите средби на високи политички нивоа, коишто се дел од позитивните тенденции за соработка и евро-атлански перспективи на регионот.

Претседавачот со Советот на министри на БИХ, Звиздиќ, му честиташе и лично на премиерот Заев за достоинствените лидерски одлуки и чекори што отворија пат Република Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ, а за неколку дена и покана за членство во НАТО на претстојниот Самит на Алијансата.

Се зафативме за сериозни реформи и се посветивме на градење добрососедски односи врз база на доверба и грижа едни за други. Така станаа возможни договорите со Бугарија и со Грција, низ заеднички напори, како и реализацијата на Планот 3-6-9 со клучните реформски приоритети. Отворените врати за Македонија од ЕУ и НАТО се дополнителен мотив, уште поенергично, како Влада и како општество да ги сработиме сите домашни обврски, пред се во делот на правосудството и воспоставувањето правна држава. Граѓаните на Македонија ќе живеат подобро и ќе бидат посреќни, а тоа го посакуваме за граѓаните на целиот регион, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев и претседавачот со Советот на министри, Звиздиќ заеднички констатираа дека напредокот на Република Македонија, за само една година, од режим во демократска држава со евро-атлантска иднина е реален пример, како ако се има политичка волја, има решенија за секое билатерално прашање, а државата може да се развива. Ова е поттик за земјите од регионот за нивниот индивидуален напредок, што води и кон колективен регионален напредок во евро-интегративните процеси.

На средбата, премиерот Зоран Заев и претседавачот со Советот на министри, Денис Звиздиќ, беа разменети мислења за можностите на унапредување на соработката меѓу Македонија и БИХ, меѓу што влегува и реализацијата на идејата за воспоставување авио линија којашто ќе ги олесни контактите меѓу двете земји на сите нивоа.