Средба на премиерот Заев со словачкиот амбасадор Маркуш
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, се сретна со Хенрик Маркуш, новиот амбасадор на Република Словачка во Македонија.
На средбата е констатирано дека постои позитивна клима во земјава за напредок. Словачкиот амбасадор Маркуш оцени дека е одлична реформската агенда чиишто резултати се значајни за интеграциските процеси на државата. Тој пренесе дека Словачката Република продолжува да ја поддржува Република Македонија во НАТО и ЕУ интеграциите и нагласи дека за земјата е важно што поскоро да биде отворен преговарачкиот процес со ЕУ. Со оглед на големото искуство на Словачка во финансискиот менаџмент на државниот систем, на средбата е разговарано за можноста за помош на Македонија преку проект за буџетски информативен систем.
„Ја почитуваме и благодариме на пријателската поддршка на Република Словачка, на Република Македонија, во демократските и интеграциските процеси. Владата на Македонија работи на сите важни области за квалитетот на животот на граѓаните и за перспективите на земјата и секое позитивно искуство, помош и поддршка се значајни“, рече премиерот Заев.
Тој соопшти дека отворените шанси за Македонија во интеграциските процеси веќе се одразуваат позитивно на инвестициската клима, со веќе склучени 8 договори за конкретни нови инвестиции, 20-тина договори во најава и околу 200 нови заинтересирани инвеститори. Премиерот Заев додаде дека државата е определена кон буџетска поддршка на инвеститорите, дека одлучи да го примени словачкото искуство за максимално транспарентно работење во делот на јавните набавки и дека поради сето тоа, определеноста кон борба против корупцијата, развојот на инвестициската клима, политиките на доверба во државата и кон соседите и меѓународната заедница, постојат реални очекувања за економски развој на земјата и за отворање на евро-атлантските перспективи.
На средбата е разгледана можноста за експертска помош и поддршка од Република Словачка и во делот на работата на поглавјата при пристапниот преговарачки процес.