26/11/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со словачкиот министер за надворешни работи, Корчок

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, попладнето се сретна со министерот за надворешни работи и европски прашања на Република Словачка, Иван Корчок, придружуван од амбасадорот во заминување, Мартин Безак, како и идниот амбасадор, на Словачка во Македонија, Хенрик Маркуш.

Ја имате нашата поддршка за членство во НАТО и интеграција кон ЕУ, пренесе словачкиот министер за надворешни работи, Корчок. Тој ги поздрави демократските промени во земјава и чекорите кон остварување на стратешките евро-атлантски интеграции на државава. Министерот Корчок оцени дека ако Владата продолжи со работа со ова темпо на реформите, посебно во правосудството и владеењето на правото и развојот на регионалната соработка, ќе направи исчекори во евро-атлантските интеграциски цели.

„Се надеваме дека Република Македонија ќе биде следната 30.земја членка на НАТО. За нас е големо охрабрување членството на Република Црна Гора што покажува дека ако се има политичка волја, може да се постигнат резултати“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, објасни дека е во тек имплементација на Планот 3-6-9 важен за европските интеграции, како и за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

„Работиме на важните судски реформи, на реформи на тајните служби, за професионални медиуми и државни институции, низ соработка со граѓанскиот сектор, во насока на развој на вистинско демократско општество. Вишеградската група е голем поддржувач на Република Македонија и на регионот на патот кон ЕУ, а Република Словачка мотивира со напредокот“, додаде премиерот Заев.

На средбата беа споделени искуства за НАТО интеграциите на Словачка, како и за реформски чекори што ги има направено оваа земја во делот на транспаретното и отчетно владеење, нешто што е определба и на оваа Влада. Исто така беше констатирано дека се создадени услови за поголема економска соработка помеѓу двете земји.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, изрази благодарност на министерот за надворешни работи на Република Словачка, Иван Корчок, за континуираната поддршка од Република Словачка на демократските и евро-атлантските интерграциски процеси на Република Македонија.