Средба на претседателот Иванов со турскиот премиер Јилдирим
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Република Турција и учеството на 21. Евроазиски економски самит, во Истанбул оствари средба со претседателот на Владата на Република Турција, г. Бинали Јилдирим.
Изразувајќи задоволство од честите контакти меѓу двете држави на високо ниво, двајцата соговорници разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Турција, актуелните состојби во двете земји, како и за состојбите во регионот.
На средбата беше констатирано дека двете земји негуваат традиционално пријателски односи, и се согласија за потребата од продлабочување на економската соработка и интензивирање на трговската размена.
Македонскиот претседател се заблагодари за принципиелната поддршка од Република Турција за членство на Република Македонија во НАТО, истакнувајќи дека покана за членство на Македонија во НАТО ќе биде дополнителен поттик за реформските процеси во земјата и ќе создаде огромни придобивки за долгорочната стабилност и безбедност на регионот.