22/11/2024
Македонија

Средба на претставници на Владата на Република Македонија со Конфедерацијата на слободните синдикати

Заменик-претседателката на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, министерката за образование и наука Рената Тренеска Десковска, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и Бранимир Јовановиќ, од Кабинетот на министерот за финансии Драган Тевдовски, денеска се сретнаа со претставници на Конфедерацијата на слободните синдикати (КСС).

Обете страни ја поздравија заедничката заложба за конструктивни средби и партнерски однос во остварувањето на социјалниот дијалог во земјата.

На состанокот, претставниците на КСС ги информираа претставниците на Владата за состојбите во остварувањето на работничките права. Разговарајќи по одделните точки, наведени како причини за штрајкот, најавен за утре (среда, 17 јануари), претставниците на Владата и на КСС заклучија дека двете страни се заинтересирани за развивање на социјалниот дијалог во насока на изнаоѓање начин за решавање на прашањата поврзани со функционирањето на Економско-социјалниот совет и усогласувањето на платите во јавниот сектор согласно зголемувањето на минималната плата на национално ниво.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска информираше дека во однос на покачувањето на платите, во тек се анализите за покачување на коефициентите на вработените во одредени сектори, покрај веќе договореното зголемување на платите за вработените во градинките.

Таа истакна дека се настојува да се надминат досегашните парцијални и нецелосни решенија со цел изнаоѓање на системско решение врз основа на консултативен и партиципативен пристап, при што ќе бидат понудени основни начела за утврдување на плати.

На средбата меѓу Владините претставници и КСС беше истакнато дека во Буџетот за 2018 година се предвидени покачувања на платите во образованието, здравството, социјалната заштита и одбраната. Претставниците на Владата ја повторија подготвеноста да се разговара и за други идни покачувања на платите согласно Колективниот договор и буџетските можности, како и реформите во администрацијата.

Во врска со остварувањето на социјалното партнерство и дијалог меѓу Владата, работодавачите и синдикалните организации, и работата на Економско-социјалниот совет (ЕСС) како трипартитно советодавно тело, министерката Царовска подвлече дека состаноците се одржуваат на највисоко министерско ниво со учество на сите заинтересирани страни на кои се разгледуваат прашања кои директно се поврзани со работничките права.

Исто така беше потенцирано дека Владата на РМ во своите програмски определби се обврза да обезбеди процес на загарантирани консултации со граѓанскиот сектор, со коморите, со синдикатите и со други релевантни чинители, при носење нови закони и измени на постојните.

Заменик-претседателката на Владата Шекеринска информираше дека сака да ја пренесе заложбата на Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев за продолжување и развивање на социјалниот дијалог и конструктивна соработка во насока на почитување на прашањата од областа на синдикалното организирање и почитување на Колективните договори.

„Не бараме пофалби, туку партнерство и разбирање во намерата да најдеме решенија за напластените проблеми“, нагласи вицепремиерката Шекеринска, која истакна дека Владата на РМ подржува синдикално организирање, кое е загарантирано со Уставот на РМ, со цел подобрување на стандардот и квалитетот на живот на сите граѓани.