Средба на претставници од Агенцијата за цивилно воздухопловство и македонските аероклубови
Во рамки на редовните средби со сите чинители во националниот воздушен сообраќајно – транспортен систем, дел од раководниот тим од АЦВ оствари средба со претставници од неколку аероклубови од земјата. На средбата учество зедоа претставници од аероклубовите чии активности се претежно поврзани со спортското летање, односно со оперирање на воздухоплови кои не се опфатени со меѓународните воздухопловни регулативи, стандарди и препораки.
На средбата беше истакната взаемната подготвеност и детерминираност за интензивирање на меѓусебната соработка во развојот на спортските воздухопловни активности. Беше потенцирана улогата и заложбите на АЦВ во процесите на континуирано подигнување на нивото на безбедноста на воздушниот сообраќај и унапредување на воздухопловството во државата.
Гостите информираа за неколку актуелни прашања, проблеми и предизвици со кои се соочуваат аероклубовите при реализација на своите летачки активности, посебно од аспект на потребите за развој на летањето и воздухопловните манифестации со параглајдери. Притоа, беа разгледани можностите за преземање на конкретни мерки во насока на обезбедување на поддршка од страна на АЦВ за создавање на оптимални технички и оперативни услови за континуиран пораст на обемот на спортските воздухопловни активности со овој тип на воздухоплови во нашата држава.