22/11/2024
Македонија

Средба на Шекеринска со претседателот на Комисијата за одбрана во Хрватскиот Сабор

На вториот ден од посетата на Хрватска, министерката за одбрана Радмила Шекеринска се сретна со претседателот на Комисијата за одбрана во Хрватскиот Сабор, Игор Драгован и одржа предавање на Хрватското воено училиште.

На средбата со Драгован се разговараше за местото и улогата на законодавната власт во системот за одбрана.

„Република Хрватска е искрен пријател на Република Македонија кој секогаш несебично нè поддржувал во нашите евроатлански аспирации. Македонија е подготвена да ги реализира сите реформи, при што поддршката од Хрватска и од сите пријателски земји е добредојдена“, истакна Шекеринска.

Министерката, во Хрватското воено училиште „Д-р Фрањо Туѓман“ одржа предавање за евроатлантските интеграции на Македонија и на регионот и ги посети и припадниците на АРМ кои се школуваат во оваа воена високо-образовна институција.

Покрај останатите форми на соработка, одбранбената соработка меѓу Република Македонија и Република Хрватска во областа на военото образование вклучува и обуки и школувања на припадниците на АРМ во високите воени школи во Хрватска (Командно-штабна академија, Школа за национална одбрана и Висока подофицерска школа).