Средба на СВР и угостителските објекти за безбедни празници во Охрид
Мерки за безбеден престој на гостите за време на Новогодишните и Божиќните празници, беше темата на вчерашниот состанок помеѓу претставници на СВР Охрид со сопственици и претставници на угостителските објекти во градот.
Целта на средбата беше координација и интензивна меѓусебна соработка заради подобрување на севкупната безбедност во градот во пресрет на претстојните празници. На средбата, беше направен пресек на актуелните безбедносни настани на подрачјето и беа најавени засилени мерки на полициските службеници со цел, Новогодишната ноќ во Охрид да помине беспрекорно и без проблеми на безбедносен план, посебно во делот на јавниот ред и мир. На угостителите, посебно им беше потенцирана важноста од одговрно однесување и навремено информирање за настани кои би можело да ескалираат и негативно да влијаат на безбедноста на гостите во објектите како и цврстата определба на полициските службеници за доследна и неселективна примена на законските овластувања заради превенирање и спречување на безбедносни проблеми. Угостителите беа информирани дека поради продолженото работно време за време на претстојните празници, задолжително да внимаваат на гласноста на музиката и дека СВР Охрид планира координативни акциски мерки со УЈП, пазарната и другите инспекторати и надлежни служби. Заради навремено преземање на ефикасни мерки во одржување на стабилен јавен ред и мир, СВР Охрид и претставниците на угостителските објекти договорија соработка и интензивна комуникација на дневна основа за што се договорени и тимски директни меѓусебни контакти. Претставниците на СВР Охрид, подетално ги потсетија угостителите на законските обврски согласно Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, Законот за пушење, Законот за приватно обезбедување и другите соодветни законски и подзаконски акти.
Претставниците на пазарната инспекција и на УЈП нагласено им посочија да внимаваат на казнените одредби поради точење алкохол на малолетни лица и на неопходноста од евидентирање на прометот и користење на линијата 198. Целта на работната средба е подобрување на севкупната безбедност во градот во пресрет на претстојните празници, намалување на бројот на казнените дела, јасна, доследна и недвосмислена примена на овластувањата и навремено преземање на ефикасни интервенции во делот на јавниот ред и мир и при други казнени дела со елементи на насилство.