Средба на вицепремиерот Битиќи со ЕУ амбасадорот Гир
Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, преку видео конференциска врска, денес одржа состанок со Шефот на делегацијата на Европската Унија во Скопје, амбасадорот Дејвид Гир, со кого разговараа за спроведувањето на реформи во нашата земја во насока на евро интеграцискиот процес, како и за унапредување на сите сфери на општественото живеење.
Пристапниот процес кон Европската Унија е национален интерес, рече Битиќи и додаде дека во периодот кој следи посветено ќе се работи на зајакнување на човечките капацитети за спроведување на потребните реформи, ќе се посвети особено внимание на борбата против корупцијата и криминалот, како и на владеењето на правото и правдата за сите, а воедно ќе се насочат и големи ресурси во реализацијата на капитални инвестиции, со цел подобро инфраструктурно поврзување во земјата, но и на Северна Македонија со другите земји во регионот.
Амбасадорот Гир го реафирмираше ставот дека делегацијата на Европската Унија во Скопје ќе остане активен учесник во реформските процеси и потврди дека Владата може да очекува поддршка од ЕУ во проектите кои значат подобар живот на граѓаните.
На состанокот се разговараше и за креирањето на Националниот развоен план, со кој преку долгорочно планирање, ќе се трасира патот по кој ќе се развива Северна Македонија и ќе се создадде визија кoн која сите заедно ќе се стремиме да ја постигнеме.
Амбасадорот Гир и вицепремиерот Битиќи зборуваа и за системските решенија во насока на намалување на корупција и создавање на опкружување кое ќе ја минимизира можноста за вакви девијантни појави, особено во јавната и државна администрација. Тие се согласија дека со поцврста меѓуинституционална соработка и системски пристап кон креирање на решенија за антикорупција може да се очекуваат одлични резултати и примена на европски вредности.
Вицепремиерот Битиќи и ЕУ амбасадорот Гир, на крајот на состанокот се согласија дека ќе продолжат со интензивна комуникација и следење на сите проекти кои се реализираат во заедничка соработка, за да се постигнат поставените цели и да се придонесе кон подобар живот на сите граѓани во Северна Македонија.