22/11/2024
Македонија

Средба Шекеринска – Матис: Не сакаме да ве видиме запрени пред вратите на НАТО

Македонија и САД имаат цврсто стратешко партнерство. САД ги ценат чекорите кои Македонија ги презема кон НАТО и не сакаат да ја видат Македонија запрена пред вратите на Алијансата – беше речено на официјалната средба на министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, со американскиот секретар за одбрана, Џејмс Матис, во Пентагон.

Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис на почетокот од средбата потсети на зборовите на министерката Шекеринска на состанокот на министрите за одбрана на НАТО, околу предизвиците со кои се соочува Западот.

„Бевте убедлива и Вашите зборови доминираа во дискусијата, силно потсетувајќи нè на нашата одговорност да ги одбраниме демократските вредности“, рече Матис.

Тој рече дека САД ги ценат обврските кои Македонија ги презема како партнер на НАТО – испраќањето на војници во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, придонесот кон коалицијата за пораз на ИСИС како и решителната одлука да се издвојуваат 2% од БДП за одбраната.

„Ние ги цениме вашите напори. Тие ја афирмираат одлукатa на НАТО во Букурешт во 2008, Македонија да добие покана за членство „веднаш штом ќе се постигне заеднички прифатливо решение на прашањето за името“ со Грција. Ја поздравуваме вашата работа со Грција на разрешувањето на ова прашање и се надевам дека наскоро ќе има резултати. Не сакаме да ве видиме запрени пред вратите на НАТО. Денешната безбедносна состојба бара дух на пријателство меѓу сите оние кои се залагаат за слобода, основни човекови права и владеење на правото“, рече Матис.

Министерката Шекеринска се заблагодари за цврстата поддршка што Македонија ја добива од САД и потсети на силниот консензус во државата од нејзиното осамостојување, за членство во НАТО.

„Дозволете ми да ве уверам дека Македонија е подготвена за членство во НАТО. Ние брзо се опоравивме од долгата политичка криза и по еден силен реформски залет, на нас се гледа како на извор на надеж на Балканот. Започнавме важни одбранбени реформи и го зголемивме нашиот придонес во мисијата предводена од НАТО во Авганистан. Докажавме дека сме посветен и сигурен партнер. Наша цел е да бидеме и таков сојузник. Затоа, дозволете ми да ја побарам вашата поддршка како стратешки партнер на нашето членство во НАТО. Поканата за Македонија во јули годинава ќе нè поддржи во нашата стратешка цел, ќе му помогне на регионот во градењето на долготрајна стабилност и ќе ги зголеми влијанието и подготвеноста на САД и НАТО“, рече министерката Шекеринска.

Ова е прва средба на министри за одбрана на Македонија и САД по 6 години, а се реализира во клучен период, на само два месеци од Самитот на Алијансата во јули во Брисел.