26/11/2024
Македонија

Стартува фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“

Од 3 до 6 мај, во Младинскиот културен центар и Кино Култура ќе се одржи фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“… 

Тематскиот фокус на годинашниот фестивал кој се одржува со поддршка на Министерството за култура, се женските работнички права, за чии состојби во Македонија и пошироко ќе се дускутира  преку слоганот: ”6 часа работа, 6 часа култура, 6 часа активизам, 6 часа одмор”. Организатор на настанот е Здружението за промоција на женската активност ТИИИИТ! Инк. – Скопје.

На официјалното отворање на фестивалот, на 3 мај во МКЦ, со почеток во 20.30 часот ќе биде отворена изложба наавторките Божена Кончиќ-Бадурина и Дуга Мавринац од Хрватска. Станува збор за заеднички проект, амбиентална инсталација и промоција на уметничка книга која всушност претставува соработка на двете авторки.

Во рамките на фестивалот се предвидени повеќе активности, меѓу кои и панел дискусија на која претставници на граѓанските иницијативи и на релевантните институции ќе разменуваат искуства и ќе изнаоѓаат заеднички позиции за делување. Во дискусијата, меѓу останатите, ќе учествуваат претставници од ХЕРА, организацијата БеФем од Белград,Коалицијата Маргини и други.

Во рамките на вториот фестивалски ден ќе се одржи и предавање „Уметникот на работа“ на филозофот, драматург и теоретичар за изведбени уметности, Бојана Кунст. Како што нагласуваат организаторите, ова предавање ќе се фокусира на нападите врз уметничките институции, настапи, изведувачки фестивали и други уметнички настани, кои се поврзани со порастот на популизмот и национализмот во Европа кои често се случуваат заедно со криминализацијата на уметниците и реевалуацијата на националните и државните институции.

Предвидени се и други предавања, перформанс, Базар на ракотворби, кулинарска изложба „Неделниот ручек како труд“, поетско читање во соработка со ЛезФем како и музички дел. На затворањето на фестивалот (6 мај) во МКЦ, ќе се одржи и работилница за деца „Почетен курс за бунтовници“ во соработка со „Колектив Ветерница“, како и промоција на изданието „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња” од Елена Фавили и Франческа Кавало. Во денсинг сала во МКЦ ќе се одржи и перформанс „Како мојот живот стана културен работник – културните работници ја заземаат сцената“ на авторките Биљана Тануровска Ќулавковски и Ивана Васева.