„Стави појас!“, засилени контроли од страна на сообраќајната полиција
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патишта ги известува возачите односно патниците дека едукативно-превентивната кампања „Стави појас!“, која што има за цел подигање на свеста за поголема употреба на сигурносните појаси од страна на возачите и патниците се реализира секојдневно, преку интензивни сообраќајно- превентивни активности кои се спроведуваат во соработка со МВР, на територијата на цела држава. Притоа, РСБСП потенцира дека покрај интензивните превентивни активности, во тек се засилени контроли на сообраќајната полиција за користењето на сигурносните појаси.
Целта на РСБСП и на МВР не е санкционирање на возачите и патниците туку подигање на свеста за редовна употреба на сигурносни појасизаради заштита на нивниот живот. Согласно тоа, РСБСП и МВР апелираат до возачите и патниците, при секое влегување во возилото задолжително да стават појас.
Користењето на сигурносните појаси е законска обврска, како за возачите, така и за патниците на предните и задните седиштa, односно согласно ЗБСП секаде кадешто во возилото фабрички се вградени појаси возачите односно патниците се должни да ги користат. Обврската за користење на сигурносен појас е задолжителна, без разлика на тоа дали возилото се движи во населено или надвор од населено место.
Возачите и патниците треба да знаат дека користењето на сигурносниот појас е наменето, пред сѐ, за нивна лична безбедност и лична заштита. За некористење на сигурносен појас, законот предвидува парична санкција за возачите во износ од 40 евра во денарска противвредност и парична санкција за патниците од 50 евра во денарска противвредност, притоа паричната санкција се однесува исклучиво за лицето кое не користи појас, без разлика дали станува збор за возач или патник.
Сепак, возачите и патниците треба да бидат свесни дека најголема казна за некористење на појас се последиците од сообраќајните незгоди. РСБСП потсетува дека целиот систем на пасивна безбедност кај новите возила зависи од тоа дали е ставен појасот, односно кај голем дел од современите моторни возила вклучувањето на воздушните перничиња директно зависи од тоа дали е ставен сигурносниот појас.
Затоа користете сигурносен појас и патувајте безбедно!